Австралиски хокеар ампутирал прст за да може да настапи на ОИ во Париз
26.07.2024 juli Petok
Австралиецот Мет Доусон ги шокирал своите колеги од репрезентацијата во хокеј на трева со одлуката направена во пресрет на Олимписките игри во Париз.
Пред две недели, Доусон заработил незгодна повреда на прст на раката и за санирање на истата ќе биле потребни неколку месеци, што значело дека Австралиецот ќе ја пропушти Олимпијадата во Париз.
Хокеарот направил шокантен потег и решил да ампутира дел од прстот, со што го избегнал периодот за рехабилитација и сега ќе биде дел од националниот тим кој ќе настапува на Олимписките игри.
При консултација со хирург, на Доусон му било кажано дека и по долгата рехабилитација нема гаранции дека целосната функција на прстот ќе биде задржана, а со ампутација процесот на заздравување би траел само десет дена.
Доусон им открил на медиумите дека фрактурата на прстот изгледала толку лошо, што ја загубил свеста кога го погледнал во соблекувалната и мислел дека за него е завршен олимпискиот сон. Истиот хокеар за малку ќе го загубел окото откако заработил незгоден удар со хокеарски стап во пресрет на Комонвелт игрите во 2018 година, но не само што и тогаш и помогнал на својата селекција да стигне до златото, туку бил дел од репрезентацијата и на претходната Олимпијада, на која Австралија стигна до среброто.
Доусон сега е подготвен за деби во Париз и тоа ќе се случи веќе утре кога Австралија го отвора настапот на ОИ против селекцијата на Аргентина.
Comments