Августовската програма на Кинотеката – предизвик за гурмани
Каде припаѓаме, ова прашање го поставува документарниот филм со истоимениот наслов „Каде припаѓаме“ на швајцарската режисерка Жаклин Цинд, поетска приказна за тоа како младите се справуваат со разделбата на нивните родители – филм со кој Кинотеката на Македонија го започна патувањето низ августовската филмска програма. – Нема подобар месец во годината создаден за патување од август, не само географски туку и низ целулоидниот лавиринт. Со право ќе речете: „Од каде сега најдовте целулоидни ленти, нели сè е дигитализирано!?“ Секако дека е, но Фестивалот на неми и класични филмови на Кинотеката избра неколку наслови за августовската програма што биле особен целулоиден печат на своето време, а денес ги гледаме во блуреј-формат. Тука се иконите на францускиот нов бран, „До последен здив“ од 1960-та на Жан-Лик Годар, „400 удари“ од 1959-та на Франсоа Трифо, „Еден човек и една жена“ од 1966-та на Клод Лелуш, како и трилогијата на Александар Довженко, украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови „Звенигора“ (1928), „Арсенал“ (1929) и „Земја“ (1930). Кога луѓето во 1920-тите и 1930-тите години говореле за Првата светска војна, тие го употребувале терминот „големата војна“. Таа војна била најголема и најразорна дотогаш на европско тло. Несреќниците тогаш не знаеле дека следува втора „голема војна“, уште потрагична од претходната, за да им дадат предзнак Прва и Втора светска војна. Филмот и уметноста во 20 век веќе имале напластено многу естетски вредности, па кога новото го менува старото, секогаш говориме за некој нов бран. Не дека старото во францускиот и европскиот филм на почетокот на втората половина на 20 век било помалку вредно, но младите филмски критичари од „Филмски тетратки“, под менторство на нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен, решиле да снимаат филмови наместо да ги рецензираат, во духот на Марксовата „11 теза за Фоербах“: „Филозофите досега само го објаснуваа светот, а се работи за тоа да го менуваат!“.
Другото е запишано на поубавите страници на историјата на француската, европската и светската кинематографија: како што новобрановците црпеа инспирација, меѓу другото, и од американската Б-продукција, на згрозување на критичарите пуританци, така неколку години подоцна францускиот нов бран стана инспирација за новата генерација американски автори, предводена од Мартин Скорсезе и другарите – велат од Кинотеката во најавата за августовската програма. Александар Петрович Довженко (1894 – 1956) е задолжителна лектира за секој филмофил. Пионер на рускиот/советскиот филм од 1920-тите, заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволд Пудовкин и Ѕига Вертов, кои снимаат токму во најжестоките години по Октомвриската револуција. Трите филма што ќе бидат прикажани се тематски различни, но се филмови со заедничка естетска нишка и често во текстовите на историчарите на филмот покрај нив задолжително стојат епитетите како чиста поезија, визуелна симфонија… – Августовската програма на Кинотеката е вистински предизвик и за музичките гурмани. Ако францускиот нов бран ја размрда европската кинематографија во 1960-тите, панкот и новиот бран во 1970-тите и 1980-тите неповторливо ја изменија музичката мапа на Европа, но и на некогашна Југославија – велат од Кинотеката. Документарниот филм „Нов бран – 40 години подоцна“ ќе го означи почетокот на деновите на „Кроација рекордс“ во Скопје и е своевиден вовед во тематскиот блок од неколку документарци што се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“, по кој звучните слики на Љубљана, Загреб и Белград (делумно и Скопје) веќе никогаш не беа исти.
Comments