Абу Бакар – Африканецот што го открил американскиот континент
30.06.2021 Juni Sreda
За Абу Бакар Втори, познат и како морепловецот, постојат многу малку историски извори. Општо е познато дека во 14 век владеел со моќната империја, која е позната како Манден или Нијана, на територијата на денешната африканска држава Мали. Неговиот чичко и претходник Сундијата Кеита ја основал империјата на денешната територија на Мали и освоил голем дел од Сахара и големите шуми по брегот на Западна Африка. Негов наследник е легендарниот Манса Муса, всушност единствениот податок за Абу Бакар Втори го дознаваме токму од неговиот наследник. Манса Муса во 1324 година три месеци престојувал во Каиро, додека патувал на аџилак за Мека. Во египетскиот град, Манса Муса се спријателил со емирот Али Инб ал Хасан, гувернер на областа Каиро. Во текот на разговорите со емирот, Манса Муса говорел за својата држава и своите претходници. Кога бил запрашан како станал владетел, Муса објаснил дека неговиот претходник верувал дека може да се открие најоддалечената граница на Атлански Океан. Во своите понатамошни искажувања, Муса образложил дека Абу Бакар опремил 200 брода со луѓе, злато, вода и резерви на храна за неколку години. Назначил водач на експедицијата и му наредил да не се враќа сѐ додека не стигне до крајот на океанот. Флотата заминала и минало долго време. Се вратил само еден брод, а капетанот по враќањето му одговорил на Абу Бакар дека флотата пловела долго време сѐ додека на отвореното море не се појавила река со моќна струја. Најголемиот дел од бродовите го продолжиле патувањето по оваа река и повеќе никој не ги видел, ниту слушнал нешто за нив.
Абу Бакар не верувал во искажувањето на преживеаниот капетан. Подготвил нова флота, која се состоела од 2.000 брода и големи резерви на храна и вода. Абу Бакар го назначил Манса Муса за свој наследник и заедно со големата флота се упатил на запад, во водите на Атлански Океан. Според Манса Муса, тогаш за последен пат го виделе Абу Бакар, кој никогаш не се вратил во својата држава, ниту пак некогаш пристигнале некакви вести за неговото патување. Искажувањето на Манса Муса во Каиро не може да се сретне во ниту еден друг африкански и арапски историски извор, со исклучок со усната орална традиција, но многумина веруваат во веродостојноста на сведоштвото на Муса.
Патувањето во Америка?
Некои од истражувачите веруваат дека Абу Бакар всушност пристигнал на американскиот континент и се обидуваат преку одредени докази да ги потврдат нивните тврдења. Никогаш не се пронајдени неконтроверзни докази за контакти помеѓу Африка и Америка, пред патувањето на Колумбо, но тоа не ги спречува овие тврдења. Според една теорија, реката во океанот што се опишува од преживеаниот од првата експедиција е всушност канарската струја, која тече од Западна Африка кон Америка. Таа можела да го олесни патувањето од Африка кон Америка, но го спречувала патувањето во обратна насока. Според друга теорија, Абу Бакар и неговата африканска флота пристигнале во Јужна или Централна Америка каде што основале привремена населба, која подоцна прераснала во мала држава, која имала трговски односи со локалното индијанско староседелско население. Овие тврдења ги поткрепуваат со златните украси и артефакти што се пронајдени на американскиот континент и Карибите. Овие предмети се изработени од злато за кое се верува дека потекнува од западниот дел на Африка, а исто така се пронајдени и предмети за кои се верува дека се од слонова коска, камења и школки, кои не се типични за Америка во овој период. Исто така се посочуваат и скелети, натписи и објект, кои наликува на џамија, за кои се тврди дека потекнуваат од Западна Африка. Според други научници и истражувачи, не постојат убедливи докази дека Абу Бакар пристигнал во Америка.
Commenti