Tрето издание на „Златна рамка“: Да гледаме македонски остварувања и повторно да влеземе во „Наш фил
Updated: Jun 24, 2021
23.06.2021 Juni Sreda
Под мотото повторно влегуваме во „Наш филм“ од 25 до 27 јуни ќе се одржи третото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонски филм во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија.
„’Златна рамка’, во траење од три дена, ќе претставува можност, публика да ги погледне сите македонски филмови кои се реализирани минатата, 2020 година во мнозинска продукција и поддржани од Агенцијата за филм. Филмовите за првпат годинава ќе бидат прикажан на две локации: во Кино ‘Фросина’ при МКЦ и киното ‘Мирно лето’ на Кинотеката“, посочува организаторот на „Златна рамка“.
Од долгометражната продукција, проекции ќе има на филмовите „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, „Стела“ на Стојан Вујичиќ и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски.
Ќе бидат прикажани и документарците „Професорот – вистинита приказна за Илија Џаџев“, „Незо“, „Исти доживувања од различни перспективи“, „Ромео и Јулија“, „Сите ќе умреме“ и „Небо, точак, земја“, како и краткометражните филмови „Јадица“, „Денот на Ана“, „Вида и Добре“, „Езерото“ и „Кавал“.
„Златна рамка“ на 25 јуни (11,30 часот) ќе се отвори со свечено собрание на ДФРМ кое ќе се одржи во Кинотека, а подоцна (од 12.45 часот) ќе се промовира и ДВД-изданието „Македонски кратки играни филмови“ на кое се сместени вкупно 31 краток игран филм, што даваат преглед на она што е создавано во македонската кинематографија – уште од нејзините повоени институционализирани почетоци па сè до денес. На 26 јуни (11:30 часот), пак, во рамки на „Златна рамка“, е најавена трибината „Три децении независен филм во независна Македонија“, а вечерта на платото пред МКЦ (19 часот) ќе се одржи церемонијата на доделување на почесните награди на ДФРМ. На 27 јуни, третиот и последен ден од Деновите на македонскиот филм (11:30 часот), во МКЦ ќе има презентација на „МЕДИА креативна Европа: Нашата успешна приказна“.
Сите проекции на документарни, краткометражни и долгометражни филмови се бесплатни, а по секоја проекција, публиката ќе има можност да ја запознае екипата која работела на филмот и да учествува во отворена дискусија. (Н.И.Т.)
Comments