Tанцовата компанија „Марта Греам“ на „Танц фест Скопје 2022“ во МНТ
Танцовата компанија „Марта Греам “ од Њујорк, која е добитник на овогодишната награда „Менада“ на Фестивалот „Танц фест Скопје 2022“, денеска со почеток од 20 часот ќе настапи во рамки на 18-то издание на Фестивалот, на сцената на Македонскиот народен театар. На настапот ќе и биде доделена и наградата на актуелната уметничка директорка на „Марта Греам“, Џенет Ајлбер.
Уметничката директорка на „Танц Фест Скопје 2022“, Рисима Рисимкин вели дека скопската публика ќе биде една од ретките кои ќе имаат ексклузивна можност да ја видат компанијата „Марта Греам“ и уникатното историско наследство, како сведок на стогодишниот развој на современиот танц во живо.
– Горда сум, што Фестивалот, на својот 18-ти роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што ќе и овозможи на својата публика, во уникатно задоволство да ги види креациите на „Марта Греам“, создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981 година, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво, изјави Рисимкин, изразувајќи огромна благодарност за поддршката на Американската амбасада во Скопје и фондацијата „Американ денс аброд“ .
Марта Греам (1894 – 1991) е препознаена како примарна уметничка сила на 20 век, заедно со Пикасо, Џејмс Џојс, Стравински и Френк Лојд Рајт. Таа е американска танчерка и кореографка, која во својот долг творечки век имала создадено 181 претстава, како и своја танцова техника што е општо прифатена и по своето значење, обем и големина, споредувана со балетската класична техника на танцување. Нејзиниот пристап кон танцот и театарот ја револуционизирала уметничката форма, а нејзиниот иновативен физички речник имал неповратно влијание врз танцот ширум светот.
Извонредното уметничко наследство на Марта Греам се чува и се презентира на актуелната јавност, преку изведбите на нејзините дела, кои Танцовата компанија „Марта Греам“, заедно со подмладокот кој се претставува преку Танцовата компанија „Марта Греам 2“, ги претставуваат ширум светот.
Таа ја основала компанијата во 1926 година, период во кој живее и работи во мало студио во Карнеги Хол во центарот на Менхетен. Развивајќи ја својата техника, Греам бескрајно експериментирала со основното човечко движење, почнувајќи со најелементарните движења на контракција и ослободување. Користејќи ги овие принципи како основа за нејзината техника, таа изградила речник на движење кој „ќе ја зголеми емоционалната активност на телото на танчерот“.
Танцот и кореографијата на Марта Греам ги изложиле длабочините на човечките емоции преку движења кои биле остри, аголни, назабени и директни. Светот на танцот е засекогаш изменет од визијата на Марта Греам, која била и продолжува да биде извор на инспирација за нови генерации танцови и театарски уметници. На репертоарот на компанијата, во делата на Греам настапувале светски познати изведувачи како Михаил Баришников, Маргот Фонтејн, Лиза Минели, Рудолф Нуреев, Маја Плисецкаја и многу други. Нејзините револуционерни техники и непогрешлив стил добиле признание од публиката во повеќе од 50 земји низ Северна и Јужна Америка, Европа, Африка, Азија и Блискиот Исток.
Добитник е на бројни награди, меѓу кои е „Ловоровиот лист на американската алијанса на композитори“ во 1959 година. Во 1986 година, нејзините колеги во театарот, членовите на Меѓународната алијанса на вработени во театарската сцена, ја изгласале за добитничка на наградата за танц „Local One Centennial Award for Dance“. Во 1976 година, претседателот Џералд Р. Форд и го доделил на Марта Греам највисокото цивилно признание на САД „Претседателскиот медал на слободата“ и ја прогласил за „национално богатство“, со што станала првата танчерка и кореограф што ја добива оваа чест. Друга претседателска чест ѝ била доделена на Марта Греам во 1985 година кога претседателот Роналд Реган ја назначил меѓу првите добитници на „Националниот медал за уметност на Соединетите Држави“.
Греам е добитник на многу други признанија и награди, а од годинава, компанијата која го продолжува нејзиниот творечки пат и се грижи за ова извонредно културно наследство, ќе ја вброи и нашата награда „Менада“ меѓу другите светски признанија.
Компанијата во моментов е предводена тимот кој го сочинуваат Џенет Ајлбер како уметнички директор и Лару Ален како извршен директор. Тие го негуваат и чуваат културното наследство на Греам, но воедно и го надградуваат, вклучувајќи млади уметници и кореографи кои работат по мотиви на нејзините претстави, што и дава на компанијата нови видици и хоризноти, со кои таа повторно ја освојува танцовата сцена на светско ниво, појасни
Списанието „Тајм“ ја прогласи Марта Греам за „Танчерка на векот“, а магазинот „Пипл“ ја вброи меѓу женските „Икони на векот“.
Comments