top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Stolen moments – изложба на фотографии од Виктор Соколовски

На 25 април, во 20 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, салон „Империјал 2“, ќе биде отворена изложбата на фотографии од Виктор Соколовски со наслов Stolen moments.

Фотографот Виктор Соколовски ќе ѝ се претстави на публиката со деветтата самостојна изложба на фотографии, од 25 април до 4 мај, во салата „Империјал 2“, во Културно-информативниот центар. На оваа изложба се претставува со серија портретни фотографии од концерти.

Соколовски е пасиониран љубител на музиката и фотограф што со децении фотографира на „Скопскиот џез-фестивал“, „Офсет“ и на слични музички и културни манифестации во земјата и регионот. Станува збор за огромен број фотографии – најчесто портрети на музичари направени за време на концертите на кои присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник за еден од најреномираните портали за култура во регионот – SEECULT од Белград.

Соколовски, инаку, е магистер по геодезија, а со фотографија се заразува во детството на курсевите организирани од Народната техника. Пред публиката првпат самостојно се претставил во Скопје во 2007 година во винотеката „Темов“, каде што изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на свирки во овој своевремено култен ноќен клуб. Потем, двапати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде што ја понудил својата колекција на фотографии снимени во Старата скопска чаршија. Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ во 2009 година ја освои специјалната награда на жирито за најдобра фотоприказна на темата „Еднакви можности и (НЕ)дискриминација“, а две години подоцна на „Млад отворен театар“ (МОТ) се претстави со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три сцени во една иста ноќ снимени на претходното издание на оваа значајна културна манифестација. Истата колекција, по покана од организаторот, следната година беше претставена на фестивалот „Бош“ во Гевгелија. На Деновите на македонска фотографија, што се одржаа во Охрид во 2021 година, а чиј традиционален организатор е Фотосојузот на Македонија, за колекцијата со наслов „Генеза“ уметникот ја освои третата награда во оваа категорија.

Во 2021 година во Кинотеката на Република Македонија се претставува со колекција фотографии со име „Претстава“, направени на разни театарски сцени. Истата колекција ја изложува на 11.10.2021 година во Подгорица под покровителство на КИЦ – Подгорица и Амбасадата на РМ, како и во 2022 година во фоајето на НТ Битола во рамките на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“.

Изложбата ќе биде отворена до 13.5.2023 година.


0 views

Comments


bottom of page