„Stalking Heads“ концерт на Ива Дамјановски во Салон 19-19
Културно-информативниот центар – Скопје го претставува концертот „Stalking Heads“ на Ива Дамјановски што ќе се одржи вечерва од 19:19 часот во Салон 19-19.
Како што информираат од КИЦ, „Stalking Heads“ е дело посветено на вревата и обид за спој на поезијата и музиката и претставува реобмисливање на македонскиот народен мелос во импресионистички стил.
Ива Дамјановски (1996) е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ.
Нејзината прва композиција за пијано, „Breath“ е објавена во компилацијата „Klavirsko Nebo 3“, во издаваштво на продукциската куќа „Pop Depresija“.
Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект „Аs we danced we gave substance to shadows“, на кој прв пат, покрај пијано програмата, настапува и со изведба на теремин.
Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 година за стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок). Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која ѝ е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
Comments