Oткриена најстарата мапа на ѕвезди под христијански ракопис
Архиварите на Музејот на Библијата во Вашингтон успеаја да ја откријат најраната позната карта на ѕвездите, направена од античкиот астроном Хипарх од Родос, скриена под стар христијански ракопис, пренесува „Си-ен-ен“.
Копијата од ѕвездената карта на астрономот Хипарх е откриена под ракописот на Јован Лествичник, авторот на познатата расправа напишана околу 600 година од нашата ера, според соопштението за печатот од Музејот на Библијата.
Научниците одамна знаеле за каталогот на ѕвезди на Хипарх бидејќи бил спомнат во други антички текстови, но нивната потрага по оригиналниот документ била неуспешна.
– Новооткриениот текст е извонредно откритие што ја нагласува креативната употреба на технологијата за мултиспектрална слика за откривање древни изгубени текстови. Откритието исто така ја потврдува и точноста на мерењата на Хипарх – вели Брајан Хиланд, кустос за средновековни ракописи во Музејот на Библијата.
Внимателната анализа покажа дека античкиот пергамент бил користен повеќепати. Прво, во 5 или 6 век, еден грчки писар го копирал ѕвездениот каталог на Хипарх во кој древниот астроном внел околу 850 ѕвезди во 134 година пр. н.е. и бил првиот астроном што ја одредил скалата на „големина“ што укажува на нивната привидна осветленост. Хипарх се смета за татко на тригонометријата и еден од најголемите астрономи на антиката.
Потоа, во 10 или 11 век, писар во манастирот „Света Катерина“ на планината Синај го избришал старото писмо за да го искористи пергаментот за нешто друго. Манастирскиот писар се чини дека собрал листови пергамент од најмалку десетина различни ракописи. Тој го изгребал постојното мастило и го измил пергаментот пред да го ископира сирискиот превод на Лествицата. Но со текот на времето, остатоците од изгребаното мастило почнале да потемнуваат, така што истражувачите сфатиле дека документот е палимпсест, со слоеви на различни текстови напишани на ист материјал, објаснуваат од музејот.
Музејот изврши мултиспектрално снимање на листовите со ракопис во 2013, 2015, 2017 и во 2018 година. Тие потоа го испратија ракописот на Универзитетот во Кембриџ за да го проучат основниот текст.
Истражувачите, покрај тоа што потврдија дека текстот на Хипарх бил скриен под христијански трактат, откриле и дека мерењата на Хипарх биле попрецизни од оние на неговиот наследник, математичарот и астроном Птоломеј.
Comments