Oбјавена книгата „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева–Ѓорѓиевска
10/06.2024 juni Ponedelnik
„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од авторката Марина Димитриева–Ѓорѓиевска која содржи триесет кратки прозни текстови во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи.
-Секој текст е напишан како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице во кое се раскажува, но од друга страна, тоа е проза која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта. Во првиот дел доминираат теми кои кореспондираат со светот околу себе, а во вториот дел од книгата доминираат интимистички мотиви. Јас-нараторот е во постојана обраќачка позиција, суштински барајќи собеседник онака како што писмото бара да биде доставено некому. Приказните во овие интимистички, исповедни и епистоларни раскази се проткаени со фина лирска нарација и со суптилна филозофска опсервација на современиот живот и на жената во динамично секојдневје. Тежиштето на нарацијата е во лирската раскажувачка постапка во која авторката ги обмислува својата емоција и мисла низ имплицитна или експлицитна женска филозофија на живеењето, без да инсистира на неа како на некаква идеологија или матрица, туку да ја објаснува низ принципите на човечноста, почитта, љубовта, но и низ етичките кодекси, посочуваат од „Македоника литера“.
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (Скопје, 1978) дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и магистрира и докторира (на тема „Семантиката на македонскиот роман на преминот од XX во XXI век“). Работела како новинар, уредник во редакција за култура, наставник по предметот Македонски јазик, а сега работи како советник во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе стручни трудови од методиката, објавувала песни и кратки раскази во печатени списанија и електронски медиуми, а оваа е нејзината прва белетристичка книга.
Comments