top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Oбединети балкански дизајнери на шоурум со триесет европски брендови

26.02.2021 februari petok

Познатото домашно име Драган Христов – LUDUS, заедно со Марија Кулусиќ од Хрватска и Марко Фехер од Босна и Херцеговина, во текот на наредните шест месеци ќе ги претставуваат боите на балканскиот регион, под закрила на Моден Викенд Скопје.

Во рамки на проектот „Обединета Мода“, белгиските партнери „MAD Home of Creators и Flanders DC“ ги обединија силите за да презентираат триесет европски дизајнери на интернационалните купувачи, организирајќи престижен дигитален шоурум од февруари до јули оваа година.

Направен е избор на социјално свесни брендови со силен комерцијален потенцијал, коишто имаат пионерска улога во градењето на одржлива иднина. Колекциите на селектираните модни етикети се дизајнирани да траат, исклучиво со користење на етички и еколошки материјали во нивното производство.

„Le New Black Showroom“ претставува завршен настан на проектот, во чијшто фокус е потрагата по бизнис модели, кои имаат потенцијал да учествуваат во трансформација на модната индустрија. Македонскиот бренд LUDUS, заедно со дизајнерите Марија Кулусиќ од Хрватска и Марко Фехер од Босна и Херцеговина, селектирани се како тројца претставници на Балканот.

LUDUS е одржлив домашен бренд што создава креации од природни ткаенини како памук, свила, лен, волна и рециклирана кожа, со минимум или без воопшто отпад во производниот циклус. Колекциите со дизајнерски потпис на Драган Христов се базирани на емоциите. Вообичаено се монохоматски, со минималистички изглед и скулптурални силуети.

Марија Кулусиќ е хрватска дизајнерка за бавна мода, која секогаш прави колекции засновани на приказна. Вниманието ѝ е посебно насочено кон софистицираната рачна доработка на деталите. Нејзините креации имаат безвременски карактер, спротивставувајќи ги модерното и традиционалното.

Кој сум јас? Кои сме ние? Каде припаѓам? Ова се прашањата чии одговори ги истражува брендот на босанскиот дизајнер Марко Фехер. Трага по идентитетот на скриеното „јас“ низ перцепцијата на другите. Нема боја. Нема пол. Нема сезона. Нема раса. Наменет е за секого и никого, одразувајќи ги ставовите на креаторот во дадениот момент.

„United Fashion“ го спроведува кластер на европски модни асоцијации, чијашто цел е да се зголеми компетитивноста на дизајнерите, без притоа да се лимитира нивната креативност. Моден Викенд Скопје беше домаќин на настанот „United Fashion SEE Showroom“ во 2019 година. Проектот е поддржан од програмата „Creative Europe“ на Европската Унија.


5 views

Comments


bottom of page