top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Mусиала – тинејџерскиот „скапоцен камен“ на Баерн

ФУДБАЛ

Џамал Мусиала наполни 19 години во февруари, но веќе се покажа и се докажа како сестран играч во средниот ред на Баерн Минхен, кој своевремено ја одби понудата да остане во Челси и се врати во родната Германија. – Тој може да го подобри секој тим, вклучувајќи ги Баерн Минхен и репрезентацијата. Тој знае како да се постави, како да создаде простор, многу е добар еден на еден и може да дрибла при голема брзина – вели за него селекторот на Германија, Ханси Флик. Мусиала минатата сезона влезе во првиот тим на Баерн како офанзивен играч за врска со „око за додавање“ што ја раздвојува противничката одбрана. Тој е роден во Штутгарт, но како дете се преселил со семејството во Англија, каде што се истакнал во академијата на Челси пред да му се приклучи на Баерн во 2019 година. И покрај тоа што играше за Англија, во селекцијата до 21 година во 2020 година, тој одлучи да настапува за сениорската репрезентација на Германија. За четирикратните светски шампиони дебитира во март 2021 година. Минатиот септември, германската легенда Лотар Матеус изјави дека Мусиала може да стане втор Нејмар, откако тинејџерот влезе во игра од клупата за резерви и блесна со гол и асистенција на мечот Баерн – Лајпциг. Виткиот тинејџер соиграчите во нарекоа Бамби, но тој ја покажа својата поборбена страна откако доби подефанзивна улога во Баерн и во репрезентацијата на Германија во последно време.

– Да, го нарекуваат Бамби, но кај него има и добра доза агресивност – вели Нагелсман, додавајќи дека Мусиала „помислил дека се шегува“ кога пред Божиќ му предложил да се обиде да игра на подефанзивна позиција. Се испостави дека тоа е вистински потег на Нагелсман кога Мусиала влезе во игра и го замени на таа позиција Леон Горецка, кој по повредата на колкот отсуствуваше четири месеци. Кај Флик, на пријателската средба и победата на Германија над Израел од 2-0, Мусиала започна како офанзивен играч за врска, но потоа беше вратен поназад, на истата позиција како и на мечот со Холандија, 1-1. Мусиала е доволно скромен и умен за да знае дека има многу што да научи од Флик и од Нагелсман. – На позицијата број 6 морам да бидам малку попаметен и со поголема дисциплина. Досега беше добро, но имам уште многу да се подобрувам – вели Мусиала, кој се покажа добро на средината од теренот во Амстердам каде што за противници ги имаше искусните интернационалци на „лалињата“. Во Баерн, за Нагелсман тој е првиот избор за играч што ќе „оперира“ во нападот, веднаш зад Роберт Левандовски, кога Томас Милер не е во игра. Сепак, шефот на Баерн го гледа Мусиала како совршен хибриден играч од средниот ред, „магнет за топка со технички вештини што ги имаат само малкумина“ во одбраната или во нападот. Но Нагелсман додава и дека Мусиала ќе мора да помине низ „процесот на созревање“ и дека со топката е „малку поразигран“ отколку што треба.


1 view

Comentarios


bottom of page