top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Mојсова- Чепишевска: Во тестаментот на Конески е пораката да продолжиме да пишуваме на македонски

Пораката да продолжиме да пишуваме на македонски јазик е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент. Тој ни укажа дека нема мали и големи јазици и големи и мали култури. Многумина му го поставуваа прашањето зошто не пишува на англиски, руски или германски. Но Конески сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи не може и не смее да ја изневери својата генерација! И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И нашите потомци не смеат да ја изневерат својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски!

На денот кога се навршува 101 година од раѓањето на Блаже Конески, ова меѓу другото го истакнува големиот познавач, истражувач и афирматор на неговото творештво – Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетската професорка што во нашата наука ја оствари согледбата за Конески како нулта точка на македонската култура. Кон крајот на минатата година беше објавена нејзината книга „Конески како тестамент“, која е резултат на близу дведецениска научна посветеност и се смета за ново поглавје во вреднувањето на делото на великанот. За оваа книга и за континуираните остварувања во културата, Мојсова-Чепишевска ја доби наградата „13 Ноември“, но и по ова значајно дело продолжи неуморно да истражува за Конески. Тоа беше и причина и повод за разговор со неа, кој го водеше нејзиниот помлад колега, Иван Антоновски.

Во разговорот, Мојсова-Чепишевска посочува дека треба одново со пиетет да ѝ се навратиме и на книжевната историја и порачува дека со вреднувањето и истражувањето на опусот на Конески не смееме да запреме и да му посветуваме внимание само тогаш кога има повод. Не смееме да го затвориме тестаментот! Треба постојано да препрочитуваме и да му се навраќаме на тестаментот на Конески, вели таа. Но и посочувајќи дека ниту една друга култура нема личност од таков формат го отвора прашањето дали воопшто некој може да го надмине големиот Конески.

ТРЕБА УШТЕ МНОГУ ДА СТОРИМЕ ЗА ДА ГО СПОЗНАЕМЕ КОНЕСКИ ВИСТИНСКИ

Со „Конески како тестамент“, Вие се надоврзавте на своите претходници со нови согледби, но сте и единствениот македонски филолог од својата генерација што посвети одделна, авторска книга на Конески. Ама зошто токму Конески „како тестамент“? И едновремено, и поттик и инспирација?

Затоа што сметам дека делото на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и Македонија. Определбата дека тоа е така, уште еднаш ми се потврди и навраќајќи се на некои текстови, особено оние во кои е присутно прашањето како е да се пишува на мал јазик. Затоа што Конески рече дека не постојат мали и големи јазици, како и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. Во тој контекст, чинам дека оваа порака е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент – и понатаму да пишуваме на овој „мал јазик“. Да пишуваме на македонски! Мислам дека овој негов аманет во годините наназад ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус.

Вашата книга е резултат токму на цврстата научноистражувачка решеност да се анализира и растајни неоткриеното, помалку познатото и помалку афирмираното, а исклучително важното од и за делото на Конески. И одново да се исчита веќе прочитаното. Која е Вашата оцена – колку во нашата средина до крај е исчитано напластеното во слоевитиот опус на Конески? И морам да Ве прашам, директно – колку според Вас, вистински го познаваме Конески?

Иако сите мислиме дека го читаме неговото творештво и пишуваме за Конески, мислам дека сè уште не го познавме доволно. Никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век не го познава Конески целосно, туку познава само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува. И во тој контекст, еве како јас го гледам Конески наспрема сите нас… Како кога ќе фрлите камче во вода и тоа создава концентрични кругови. Конески е нашето македонско камче, но концентричните кругови се шират до бескрај. Ние можеби сме во вториот или третиот концентричен круг. Мислам дека напишаното од Конески треба постојано да го читаме. Оти во него треба да го гледаме ороводецот на нашето „Тешкото“ – оној што се качува на тапанот и ги поведува другите и им е пример… И во буквална, и во преносна смисла! Неговите едновремена простост и строгост во изразот се амблем на севкупната македонска поезија и на севкупната македонска култура…

ВО ВРЕМЕ НА ПРЕМРЕЖИЊА НЕ СМЕЕМЕ ДА ГИ ИЗНЕВЕРИМЕ И КОНЕСКИ И СОПСТВЕНАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Ама во Вашата книга, Вие отворивте и одговоривте многу претходно неотворени прашања за Конески. Истраживте многу претходно неистражени сегменти од неговиот опус… Би издвоиле ли еден од тие сегменти кои Ви беа посебен предизвик?

Можеби на пример предизвикот да го откријам Конески и како писател што е митолог на детството. Сфатив дека е неопходно да го сторам тоа, за да можам и на оние што остануваат по мене да им кажам колку е голем Конески – на моите студенти, на моите помлади колеги, но и на моите внуки – Илина и Дарија. Конески за мене, навистина е македонски тестамент кој се обидувам да го исчитам. Колку досега успеав да исчитам не знам, но мислам дека исчитувањето на делото на Конески не престанува… И ќе треба да продолжат и тие – генерациите што остануваат по нас.

Но, должни сме тоа и да им го предочиме и да ги научиме колку е важно да бидат истрајни во предизвиците при истражувањето и вреднувањето. Зашто „има смисла во Сизифовата работа. Дали сме доволно свесни дека понекогаш руините, и по својата убавина, нè импресионираат повеќе од зачуваните градби?“, како што ни порача самиот Конески во неговиот најнеобичен текст објавен пред точно дваесет и девет години, непосредно по неговото физичко заминување, во декември 1993 година – неговата „Таблица перваја“, која се обидов да ја исчитам во „Конески како тестамент“. Ама да се потсетиме и на првата „Таблица перваја“ на големиот Јордан Хаџи Константинов – Џинот, на првата букварка. Релацијата којашто Џинот ја градеше преку таа „Таблица перваја“ со своите ученици, и џинот на македонскиот XX век, Конески, ја градеше со своите ученици преку неговите текстови. И ние сме должни да градиме релација и дијалог со нашите современици и потомци, давајќи и им пример на вреднување на нашите предци. И учејќи ги да се изразуваат просто и строго. Со текстовите во „Конески како тестамент“, и јас се обидувам да водам дијалог и со своите колеги и со својата генерација, и со генерациите што остануваат по мене. Ама и со генерациите што беа пред нас. Се надевам дека барем до некаде успеав…

Не само што успеавте, туку оваа книга ни е и патоказ како денес, следејќи го од Вас воспоставениот иновативен научен пристап, вистински и темелито да се вреднува делото на Конески. По толку темелита посветеност на севкупниот негов опус која резултираше со исчитувањето на неговиот тестамент, која е насоката што следна ќе ни ја дадете – за натамошните истражувања посветени на Конески? Можеби она што Вие препрочитувате и истражувате од Конески сега…

Во последново време особено се навраќам на оние стихови на Конески коишто зборуваат за обичните животни наслади. Сега тој Конески ме интересира. Не затоа што немам што друго да кажам за „Везилка“ или за „Тешкото“, за „Ракување“ или за „Илинденски мелодии“, туку затоа што сега ме интересира тој, интимен Конески и потребата со нови исчитувања да „гребеме“ по неговото творештво, за да дојдеме како што вели тој во песната „Планина“ – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот, суштински слој и на македонската душа… Ако можеме тоа да го постигнеме…

Сепак, зошто токму тој, како што велите интимен Конески е предизвик за Вас?

Затоа што додека не ја спознаеме и лиризираната интимна биографија на Конески, не ќе можеме ни да помислиме дека многу добро, а уште помалку дека целосно го познаваме и самиот Конески, особено ние коишто го вреднуваме од временска дистанца.

По досегашните обиди да се реконструира неговата лиризирана интимна биографија, од кои еден и заеднички го остваривме преку песните застапени на плочата „Проста и строга македонска песна“, мислам дека интимата, тој многу вешто ја криел и во својата поезија, а со тоа, таа станува уште повеќе привлечна и при анализата. Оти кога нешто е отворено и лесно достапно, тоа можеби и нема да го погледнеме. Но кога е затворено и притаено, едноставно жеднееме да откриеме што има таму. На тој начин сакам понатаму да го читам Конески. Не знам колку ќе успеам… Имам добра волја, енергија и доволно години и решеноста за исчитување на делото на Конески нема да ме напушти, затоа што го сакам тоа волуменозно творештво. Како што особено го сакам и творештвото на двајца од авторите на кои претходно потемелито се посветив – Коста Солев Рацин, кому му беше посветен и мојот магистерски труд и Петре М. Андреевски, на чијашто поезија се однесуваше мојот докторат. Ама истражувањата за Конески, и сега, како редовен професор со повеќе од три децении работен стаж, лично го доживувам и како наддокторат…

Но, покрај поетот Конески, клучен е влогот на научникот Конески. Во „Конески како тестамент“ тоа се потврдува. Оти токму Вие растајнувате и не многу познати факти за неговата истражувачка актива, ама и покажувате дека без да се исчита напишаното од Конески не може да се анализира и коментира и она што му претходи во македонската книжевност и она што следува по него…

Иако мислам дека многу сум читала од стручните текстови на Конески посветени на македонската книжевност, секогаш кога одново ќе им се навратам, имам чувство дека нешто сум прескокнала во претходното читање. И секогаш сум запрепастена како тоа не сум го прочитала претходниот пат. Со секое ново навраќање кон текст на Конески откривам нешто друго, ново. Ама секогаш поврзано со нашиот бит и нашиот културен код. Меѓу другото, затоа, главната порака која ја упатив во предговорот на книгата е дека клучно место во тестаментот на Конески е изразот „погрешно пласиран човек“. Многумина пријатели на Конески, особено од редот на странските слависти му го поставуваа прашањето зошто не пишувал на некој „поголем јазик“, зошто не пишувал на англиски, руски или германски. Но тој сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи тој е прв во генерацијата. И дека не може и не смее да ја изневери својата генерација. Оваа порака треба да биде исто толку битна и за нас. И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И вие, младите македонисти не смеете да ја изневерите својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски! Особено кога знаеме низ какви премрежиња минува македонскиот јазик сиве изминати години за да докажеме колку е долготрајно опстојувањето и развивањето негово. И низ какви премрежиња минувавме сите ние за да кажеме дека ако имаме паметење од чукунчукундедо, тој постоел и не може да се зборува дека е некаква вештачка творба.

ТРЕБА ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО АРХИВИТЕ И БИБЛИОТЕКИТЕ – НЕ МОЖЕМЕ БЕЗ КНИЖЕВНАТА ИСТОРИЈА

Во оваа Ваша книга е присутна и книжевната историја, и тоа во време кога се чини дека таа, во книжевната наука сè повеќе е маргинализира од книжевната теорија. Покажавте дека и денес, книжевната историја ни е неопходна за да можеме соодветно да го исчитаме и валоризираме книжевиот текст и да го валоризираме делото. Но и дека не е анахрона ако кон неа се пристапи со научноистражувачка инвентивност. Сепак, ја подзаборавивме ли книжевната историја?

За мене, ова е и болно прашање. Затоа што во последно време, сите трчаме по некои нови теории, кои и мене ме привлекувале како можност за нови исчитувања или за поинакво доближување на некои статии и песни на Конески до новите генерации. Несомнено, тоа е многу битно. Меѓутоа, без книжевната историја не можеме! Треба да се вратиме во архивите и во библиотеките и таму да видиме што нашите претходници оставиле. И што Конески оставил! Затоа, на книжевната историја треба со пиетет, одново да ѝ посветиме внимание. Ова го кажувам најискрено, без притоа да ја омаловажувам книжевната теорија. Напротив. Новите теории се навистина интересни, и јас ги применувам, но секогаш се обидувам да ги користам паралелно или да ги ставам едно до друго со книжевната историја.

Книжевната историја, културолошките аспекти и книжевната теорија, во Вашите текстови не само што не си противречат и не се „конкуренција“, туку содејствуваат како единствен пристап, оти само така е возможно книжевното проучување да го има предвид контекстот којшто е нужен за исчитувањето. Ако низ диоптријата на овој пристап од „Конески како тестамент“ ја анализираме вертикалата на македонската книжевност, но и на севкупната македонска култура, како би го дефинирале местото на Конески на неа, согледано од денешна перспектива?

Моето мислење за тоа место го посочив со согледбата дека Конески е нулта точка на нашата култура. Имам впечаток дека сè започнува со него и сè завршува со него. Културата е еден вид оска, а секоја оска мора да има нулта точка од која може да се движи напред, до плус бескрајност и назад, до минус бескрајност. За мене, Конески е таа нулта точка којашто ни овозможува да се движиме нанапред со нашите нови остварувања, но и опоменува да не заборавиме да се движиме и наназад со нашето помнење и вреднување.

Оваа клучна, научна согледба го детерминира натамошното поимање не само на Конески, туку и на нашата култура, на нашиот бит, на нашиот идентитет… Како накусо би го објасниле раѓањето на идејата за оваа согледба – преку Вашиот опит? Со поврзувањето на поезијата на Конески со другите уметности…

Моето истражување за Конески како нулта точка на македонската култура започна уште кога „Фолтин“ направија музичка обработка со спој на текст од „Везилка“ и „Ленка“. Со два стиха, преку музиката се слеаја во една целина творештвата на двајца поети. Но и други музички бендови почнаа да црпат инспирација од делото на Конески, како на пр. „Старовски“, а би ја споменала и изведбата на „Везилка“ на Ристо Вртев со „Архангел“ . Тоа, барем кај мене ја поттикна размислата дека Конески не е инспирација само за поетите и писателите. Но, поезијата не Конески не е ни само во музиката, туку Конески има влог и во другите уметности. Ама зошто досега не сме му посветиле театарска претстава, игран филм, телевизиска серија, стрип… Ова нека е повик и до театарџиите, филмаџиите, стрипаџиите… Во овие форми на уметнички израз, не се очекува Конески што го знаеме од книгите и книжевните теории, Конески како лингвист или препејувач, туку Конески како обичен човек. Затоа што навистина, тој е нулта точка – точка од којашто сè почнува и во којашто сè се слева од севкупната македонска уметност и воопшто македонска култура.

Ако може и треба да се изразиме и со терминологијата што ја користат другите науки би рекла дека Конески како истовремено да има и центрифугална и центрипетална сила. Затоа за мене беше инспирација да ја истражам неговата поврзаност со другите уметности. И секако, мислам дека остварив анализа на еден сегмент од неговата релација со другите форми на израз во македонската култура, а понатаму во животот можеби ќе се посветам и на други моменти за поврзаноста на творештвото на Конески со другите уметности.

ДРУГИТЕ КУЛТУРИ НЕМААТ ЛИЧНОСТ ОД ТАКОВ ФОРМАТ МОЖЕ ЛИ НЕКОЈ ДА ГО НАДМИНЕ ГОЛЕМИОТ КОНЕСКИ?

Во оваа книга е опфатен и влогот на Конески како препејувач/преведувач. Афирмирајќи низа историски факти, пред новите генерации и го претставувате неговиот влог за македонистиката и во еден поширок славистички и воопшто европски културен контекст, кој дополнително Ви е добро познат и заради релациите со странските универзитети, вклучително и како авторка на првиот учебник по македонска литература за странци во кој има посебно место за Конески, а и воопшто, насловен е во негова чест – „Везилка“. Не можам а да не прашам – според Вас, како накусо, валоризирачки да го дефинираме овој влог, ама и кој е Конески денес, во рецепцијата на европската и светската филологија и културологија?

На ова прашање не може да се одговори кусо, ама од друга страна ќе звучи и банало ако само кажам како што е – голем е влогот на Конески. Но, мислам дека другите, поголеми културни средини, и во однос на лингвистиката, и во однос на книжевноста и во однос на науката воопшто, чувствуваат извесна завист што ние Македонците го имаме Конески. Затоа што тие немаат личност од форматот на Конески. Секако, има големи поети и во другите книжевности, има големи научници и во другите научни средини, има извонредни препејувачи и во други културни средини… Ама нема еден човек во кој се остварени сите тие нешта. Затоа надвор од нашата културна средина се гледа со толкав пиетет кон Конески и неговото дело.

Наспроти оваа големина, Конески во текот на неговиот живот бил скромен и повлечен, кроток и затворен во себе како во јатка оревче. Меѓутоа она што го оставил запрепасува. Првиот македонски правопис од 1945 година и Граматиката подготвена од него се основата за сè потоа. Ама никој досега не се дрзна да напише нова граматика. Затоа и се отвора едно големо прашање: Може ли некој да го поправи или надмине големиот Конески? И сите овие согледби и воопшто книгата „Конески како тестамент“, не е резултат на миговност, туку е резултат на работа од близу две децении, со неуморни и постојани навраќања и препрочитувања на делото на великанот, за што сведочат и датирањата на текстовите. Како ја објаснувате истрајноста и долготрајноста на овој потфат, кои се реткост воопшто во книжевната наука?

Навистина, оваа книга се создаваше долго. Пред триесет и повеќе години мислев дека толку млада, особено на академските почетоци сè уште не сум достојна да пишувам за Конески – мислев дека млада не можам вистински да напишам нешто за него. Но, секојдневно му се навраќав и го исчитував неговото творештво, со размисла дека сите македонисти имаме обврска и да оставиме трага од нашиот прочит и вреднување на делото на Конески, затоа што тоа е темелникот на она што сме денес. И уште тогаш, со сознание дека треба да се пишува и на „мал јазик“ според бројот на говорители. Да се пишува на македонски! И со текот на годините потоа, изминативе две децении, пишувајќи на македонски се обидував да го запишам исчитаното во истражувањата, коешто е поместено меѓу кориците на оваа книга. Ама вас, помладите ве советувам да сте и похрабри и уште порано, и уште повеќе да ги запишувате вашите согледби за Конески, оти во неговиот опус има уште многу што да се истражи… Иако некогаш, воопшто не е лесно во прочитот да се застане наспрема големиот Конески. Но помислата на неговата питомост секогаш дава можност да се продолжи со исчитувањето. И простор и време за откажување нема…

Но и Вие не се откажувате. По објавувањето на книгата се случија и нови Ваши научни трудови посветени на творештвото на Конески, а во разговоров најавивте и следни истражувања. Значи, не запирате со оваа книга – Конески за Вас останува поттик и инспирација?

Конески секогаш ќе ме инспирира. Во неговиот опус секогаш можам да најдам појдовна точка од која ќе тргнам со свое истражување. Ама мораме сите да продолжиме да го читаме Конески! Не смееме да запреме со чествувањето на стогодишнината од неговото раѓање во 2021 година и да го затвориме тестаментот. Треба постојано да го препрочитуваме и да му се навраќаме на тестаментот на Конески!




1 view

Comments


bottom of page