Mладите виртуози од турското трио „Векандо“ на „Охридско лето“
Композиции од Едвард Григ, Фазил Сај, Дмитриј Шостакович и Морис Равел беа на репертоарот на 63. „Охридско лето“ преку извонредната изведба на младите виртуозни музичари од турското трио „Векандо“.
Турската вечер на „Охридско лето“, на подиумот во црквата „Света Софија“ ги донесе виолинистот Верико Чумбуридзе, виолончелистот Дорукан Дорук и пијанистот Џан Чакмур, кои со своето музицирање ја воодушевија фестивалската публика. Членовите на триото „Векандо“ се наградувани млади музичари, но пред сé тие се водени од силната желба за заедничко музицирање, која ги прави нивните настапи навистина посебни.
– Првпат сме во Охрид и во Македонија и навистина сме изненадени од нивните убавини. Слушнавме многу за ова место, но сепак бевме пријатно изненадени кога се уверивме во тие убавини кога дојдовме на самото место. Акустиката во црквата не можеше а да не се почувствува, меѓу себе се слушавме перфектно. Презадоволни сме од енергијата што владееше вечерва. Програмата е посебна за нас, бидејќи имавме чест да свириме дело од нашиот уметник Фазил Сај. Свиревме со огромно задоволство, особено бидејќи е чест репертоар што го свириме заедно – изјавија членовите на триото „Векандо“ по завршувањето на концертот.
Верико Чумбуридзе е грузиска виолинистка, која интернационална слава стекнува на 20-годишна возраст, по победата на меѓународниот натпревар „Хенрик Виењавски“ во 2016 година. Таа е извонредна солистка, камерна музичарка, а особено се истакнува поради имагинативниот пристап кон музиката. Досега има снимено повеќе носачи на звук со делата на Антон Враницки и Џон Вилијамс. Свири на виолина изработена од Џамбатиста Гуадагини, која ја добива на користење од Германска фондација.
Дорукан Дорук е виолончелист што досега победил на голем број натпревари и настапувал во познати концертни сали низ целиот свет. Добитник е на втората награда на натпреварот за виолончелисти што го носи името на композиторот Витолд Лутославски, а првото цеде го снима во 2022-та, кое го промовира во 2023 година за издавачката куќа „Џенуин“. Настапува со музичари како Фазил Сај, Јо Јо Ма и Гери Хофман. Свири на инструмент изработен од Антонио Тесторе, кој му е даден на користење од германската фондација „Музик лебен“.
Џан Чакмур е добитник на првата награда, како и на специјалната награда за камерна музика на меѓународниот натпревар „Хамаматсу“ во 2018 година, како и на Шкотскиот меѓународен натпревар во 2017 година. Неговиот албум снимен за БИС е прогласен за најдобар соло-албум, а тој е прогласен за најдобар млад музичар на наградите ИКМА и е добитник е на признанијата „Шок класика“ и „Златен дијапазон“. Чакмур студирал во класите на Дијан Андерсен и Григори Грузман на музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар.
В.Д.
Comments