Mакедонскиот уметник Страхил Петровски со самостојна изложба во Париз
Во Амбасадата на Република Македонија во Париз, Франција, на 16 декември во 18 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на македонскиот мултимедијален уметник Страхил Петровски, насловена „Синергија во времето“.
Пред дипломатскиот кор и своите колеги што живеат и творат во Париз, Петровски ќе се претстави со видеоинсталација, која ќе биде поставена во прекрасниот салон на Амбасадата. Настанот ќе биде отворен од в.д. амбасадорот Африм Јашари.
„Ова е моја 17. самостојна изложба. Пред париската публика ќе се претставам со видеоинсталација/ проектот ‘Синергија во времето’, кој беше реализиран на Спомен- костурницата во Велес, во октомври, во рамки на проектот ‘Европски денови на културното наследство’, на тема ‘Одржливо наследство’. Куратор на проектот е г. Златко Теодосиевски, историчар на уметност. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија и од македонската амбасада во Париз. Престојот во Cite des Arts и изложбата во Париз се реализираат како резултат на добиената награда – Гран-при на годинашниот ‘Зимски салон’ на ДЛУМ. Изложбата ќе биде поставена до 24 декември“, посочува Петровски.
„Креативноста на Страхил Петровски секогаш предизвикува рој мултиплицирани значења, впечатливи асоцијации, провокативни предизвици, често дилеми; неговите ‘брзини’ на мислата се непредвидливи, не секогаш докрај дофатливи, а резултатот умее напати да биде херметичен. Човек треба да умее да се снајде во неговата уметност. Дури и во ‘едноставноста’ на неговото сликарство, ‘акцијата’ некогаш ве зашеметува, ве остава без здив…“, вели, меѓу другото, Златко Теодосиевски, историчар на уметност и куратор на изложбата.
Тој посочува и дека најновата видеоинсталација на Страхил насловена „Синергија во времето“ е токму тоа: зашеметувачки визуелен „кружен тек“ во(н) времето и просторот, каде што не знаете дали сте вие во центарот на движењето или, пак, движењето иницирано од уметникот едноставно ве зграпчило и ве врти центрифугално и центрипетално низ својата патека, циклично забрзува и забавува, оставајќи ви дел од секундата да се ориентирате и да видите дел од опкружувањето, за да веднаш потоа повторно ве фрли во нова рунда вртежи.
Инаку, Страхил Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.
Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Има реализирано голем број самостојни изложби и е добитник на многубројни награди. (Д.Т.)
Comments