Mакедонскиот режисер Антонио Митриќески лауерат на наградата „Астер“
23.07.2024 juli vtornik
Македонскиот режисер и сценарист Антонио Митриќески е лауреат на наградата „Астер“ на годинешниот 19. „Астерфест“. Одлуката ја соопштија од „Астерфест“, од каде велат дека исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митриќески заземаат посебно место во македонската, балканската и европската кинематографија.
Покрај Милчо Манчевски и Митко Панов, Митриќески е еден од најизразитите македонски претставници на генерацијата филмски автори кои започнаа да го градат својот опус и постигнаа видни успеси веднаш по осамостојувањето на Македонија.
Митриќески е роден во Скопје во 1961 година. Филмска режија завршува на Високата државна школа за филм и телевизија во Лоѓ, Полска. На филм започнува да работи во 1985 година. Вработен е како професор по предметот филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. За својата работа добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Специјална награда на градот Лоѓ за филмовите „Двобој“ и „Ден“ (1985), Златен медал за дебитантски филм на 38-миот фестивал на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград за филмот „Љубовта на Кочо Топенчаров“ (1991), Награда на публиката на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ (1997). Според ист мотив, развиен од сценаристот Ташко Георгиевски, Митриќески го создава поетичниот игран филм „Преку езерото“. Дел од неговиот опус се и „Деца на сонцето“ од 2014 (режија) и „Како лош сон“ од 2003, каде се јавува како продуцент, режисер и сценарист…
Миртриќески докторира со темата „Теорија и практика на документарниот филм (Казимиеж Карабаш, Столе Попов, Мајкл Мур)“
Наградата на Митриќески ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица. Статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.
Инаку, 19. Издание на „Астерфест“ во Струмица започнува на 1 август во 20:30 часот и тој годинава ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Покровител на фестивалот е Општина Струмица.
Comentarios