top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Mакедонската уметница Тања Балаќ означи 30 години творештво

Mакедонската уметница Тања Балаќ означи 30 години творештво со ретроспективната изложба на слики, објекти, инсталации, видео арт и експериментални филмови поставени во Чифте-амамот во Скопје.

Балаќ, покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Има остварено повеќе самостојни изложби и групни изложби во земјава и странство, за кои има добиено повеќе награди и признанија.

На отворањето беше промовирана и монографијата со наслов „Tanja Balac – 30 Years – ArtWorks“ со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.

„И покрај сите промени, циклуси и техники во кои работи, Балаќ ја започнува својата кариера како, а и останува, пред сѐ, сликар. Длабоко ориентирана кон сопствениот свет, таа е непоколебливо фокусирана врз својата уникатна визија за, и на, својот внатрешен свет. Всушност Тања Балаќ им припаѓа на оние ретки уметници кои не само што поседуваат свое гледање, едно само за неа својствено толкување на светот, туку и уметнички јазик што се развива без застој, јасно следејќи ја само сопствената линија, сопствениот пат“, ќе посочи Пенушлиски во монографијата.

Кон крајот на првата деценија на дваесет и првиот век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе се интересира и за видеоуметноста. Нејзините дела остварени во тој медиум често се коментар на она што се случува во светот. „Раѓањето на нацијата“ од 2016 година директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеата „Perceptio Inversa“ и „Stuck Together“ може да се поврзат со големата бегалска криза.

„Антрополошката и социолошката димензија на нејзините дела аргументирано ги допира прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко“, ќе истакне, пак, Натали Р. Павлеска за делата на Балаќ.





2 views

Comments


bottom of page