top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Mакедонската режисерка Теона Митевска со нов филмски проект – за Мајка Тереза

„Мајка“ е насловот на најновиот филмски проект на македонската режисерка Теона Стругар Митевска. Таа екскулизивно за веб-страницата Screendaily.com на британскиот филмски магазин Screen International открива дека филмот ќе биде приказна за вистинската личност која стои зад митот за скопјанката Мајка Тереза

Македонската режисерка Теона Стругар Митевска екскулизивно за веб-страницата Screendaily.com на британскиот филмски магазин Screen International открива дека нејзиниот следен проект ќе биде насловен „Мајка“ и ќе биде приказна за вистинската личност која стои зад митот за Мајка Тереза. Познатата скопјанка Мајка Тереза е албанско-индиска римокатоличка калуѓерка и мисионерка, која својот живот го посвети помагајќи на сиромашните во Индија.

Режисерката Митевска сепак проектот го опишува како „не биографски филм“, туку повеќе како „приказна што прикажува пет дена од животот на една 44-годишна амбициозна жена, токму во моментот кога таа треба да го напушти манастирот Света Марија и да создаде своја религиозна цел.”

„Сакаме да направиме филм за вистинската личност, жената која стои зад митот“, вели Митевска за Screendaily.

Филмот ќе го продуцира, сестрата на Теона, актерката и продуцентка Лабина Митевска, преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски продукција“, заедно со Себастиен Делоје од белгискиот „Entre Chien et Loup“, со финансиска поддршка на Македонија и Белгија.

За проектот „Мајка“ продукцијата бараше партнери и на онлајн Копродукцискиот пазар на Берлиналето (Berlinale Co-Production Market), а двете сестри исто така во Берлин одржуваа и состаноци на лично ниво.

Инаку, во моментов „Сестри и брат Митевски продукцијата“ е во фаза на постпродукција со претстојниот филм на Митевска „Најсреќниот човек на светот“ (The Happiest Man In The World), по заедничко сценарио на Митевска и сценаристката од Сараево Елма Татарагиќ, а станува збор за антивоен филм сместен во современо Сараево.

Да потсетиме, Теона Стругар Митевска се проби на фестивалската мапа со нејзиниот петти долгометражен филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, кој ги освои Guild Film и Ecumenical Jury наградите на Берлиналето во 2019 година кога филмот се натпреваруваше во официјалната фестивалска конкуренција, а потоа се прикажа и на повеќе фестивали, меѓу кои Единбург, Одеса и Солун. Во филмот улогите ги толкуваат Зорица Нушева, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Виолета Шапковска, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Илија Волчески, Стефан Вујисиќ, Андријана Колевска и Владимир Тулиев.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ говори за една македонска жена која се вклучува во традиционална религиозна церемонија, а што инаку е наменета само за мажи, а притоа успева да даде отпор на неправдите кои заради тоа ѝ се случуваат. Дејството на филмот е поместено во македонскиот град Штип, каде секој јануари (како и во целата држава), локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, и по кој стотина мажи пливаат за да стигнат до него. Среќа и просперитет се загарантирани за оној кој ќе го фати крстот, а тогаш и Петрунија скока по крстот и успева да го дофати пред другите. Останатите натпреварувачи се бесни, сакаат таа да го предаде крстот, но таа е решена да не отстапи…


1 view

Comments


bottom of page