Mакедонската премиера на „Јон Вардар против Галаксијата” ја отвора 9. „Киненова“
07.10.2024 Oktomvri Ponedelnik
Освен македонскиот долгометражен анимиран филм, интергалактичката авантура „Јон Вардар против Галаксијата” на Гоце Цветановски, во официјалната конкуренција на фестивалот „Киненова“, ќе може да се погледнат и иранскиот филм „Кафуле“ на Навид Михадуст, потоа грчкиот „Жена-убиец“ на Ева Натена, израелскиот „Бунтот на Силвер“ на Дан Шадур, хрватскиот „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев и копродукцијата меѓу Црна Гора, Македонија и Србија „Планета 7693“ на Гојко Беркуљан. Деветтото издание на фестивалот ќе се затвори со филмот „На сè ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ, во кој една од улогите толкува и нашиот легендарен актер Петар Арсовски
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” на 15 октомври, во 20 часот, во киното „Фросина“ при МКЦ, ќе го отвори 9. Меѓународен филмски фестивал „Киненова“ со што остварувањето на Гоце Цветановски ќе има својата македонска премиера. Слоган на годинешното издание на фестивалот, што ги слави првите и вторите остварувања на младите синеасти и ќе се одвива до 20 октомври во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода во Скопје е „Што е прво: Филмот или приказната“.
-Ќе бидам субверзивен, па ќе запрашам што е прво: државата или граѓанинот, уметникот или институцијата од која добива поддршка, сценаристите или режисерите, сценариото или визијата на режисерот, фестивалот или неговите гости и филмовите? Или, пак, ефектот кој го има фестивалот на филмската дејност, на унапредувањето на филмското образование и на подигањето на општествената свест и нивото на културното живеење во државата? Оваа улога секако ја има фестивалот „Киненова“. А „Киненова“ е роден така, да биде субверзивен, критички ориентиран, контроверзен и провокативен фестивал, но не доволен сам за себе, туку да биде ангажиран и во полза на општествените промени, интелектуалниот развој и созревање на општеството“, рече на денешната прес-конференција во „ЕУ Хаус“ директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ. Тој додаде дека годинава сите светла ќе бидат вперени во македонската филмска продукција со што „Киненова“ ќе придонесе за меѓународна афирмација и промоција на македонскиот филм.
Како што посочи селекторот Игор Анѓелков, пак, токму македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” на Цветановски, кој ќе биде и дел од натпреварувачката конкуренција, бил првото остварување кое го гледал при селекцијата за годинашното издание на „Киненова“.
-Таа луцидност на филмот придонесе и селекцијата понатаму да тече во еден еклектичен стил. Филмовите во официјалната конкуренција на „Киненова“ се силен стожер на фестивалот, а годинава токму заради „Јон Вардар против Галаксијата” решивме да ги прошириме хоризонтите. Така што во предјубилејното 9. издание на „Киненова“ имаме шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во постковид времиња, кога сè е возможно, па затоа решивме фестивалот да понуди микс од еклкетични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум, истакна Анѓелков.
Освен интергалактичката авантура „Јон Вардар против Галаксијата”, за која Јовановиќ истакна дека е алегорија за актуелните случувања со човештвото, фестивалската публика во официјалната конкуренција ќе може да ги погледне и иранскиот филм „Кафуле“ на Навид Михадуст, потоа грчкиот „Жена-убиец“ на Ева Натена што раскажува приказна за чедоморството, израелскиот „Бунтот на Силвер“ на Дан Шадур, хрватскиот „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев и копродукцијата меѓу Црна Гора, Македонија и Србија „Планета 7693“ на Гојко Беркуљан.
Оваа година на фестивалот, земја во фокус е Финска, а македонската публика ќе може да проследи две остварувања од финската современа кинематографија и тоа: „Девојки“ на Али Хапасало и „Караоке рај“ на Инари Паканен. И годинава „Киненова“, со поддршка на полскиот патувачки филмски фестивал „Висла“, ќе прикаже остварувања од полската кинематографија. Оваа програма ќе претстави 10-ина кратки филмови од полската школа за анимација од Академијата во Лоѓ, како и два филма на млади и потврдени полски филмски автори. Во рамки на 9. „Киненова“ ќе се одржи и работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик која ќе ја води Ерини Демирцаки професорка, драматург и сценарист од Атина.
Деветтото издание на фестивалот ќе се затвори со филмот „На сè ќе дојде крај“, на Рајко Грлиќ, копродукција помеѓу Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Турција и Бугарија, во кој покрај плејадата актери од државите на поранешна Југославија, една од улогите толкува и нашиот легендарен актер Петар Арсовски. (Н.И.Т.)
Comments