top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„My name is Goran Stefanovski“ – нè погодува таму каде нè боли

Човекот има повеќе идентитети, нив ги гради во текот на својот живот, во нив се препознава, се сплотува, или како што кажува Горан Стефановски, човек треба идентитетот секојдневно да го освојува, како и слободата. Така ја гради и својата приказна…

Приказната за идентитетот, а идентитетот е приказна, миграциите, неприфаќањето, талкањето по светот, неприлагоденоста, па враќањето, или “кога не си свој на своето“ се сегментите кои ја носат и заокружуваат претставата ’Мај нејм ис Горан Стефановски’ (My name is Goran Stefanovski) во режија на Бранислав Миќуновиќ, чија прва премиера беше изведена вчеравечер во Драмскиот театар.

Работена според компилацијата на драматургот Бранислава Илиќ од седум драми на нашиот ренoмиран драмски писател Горан Стефановски („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“), а кои досега не биле поставени во неговиот “матичен“ Драмски театар, оваа претстава, како што вели самиот режисер Миќуновиќ, е сосем интимна, лична, таа е омаж за Горан, и му ја посветува нему.

Водејќи нè низ сцените на различните драми на Стефановски, претставата испреплетува теми, актуелни сега, но и секогаш, како потрагата по сигурност, (не)изборот кој го прифаќаме, илузиите за слободата, демократијата, отуѓеноста, но и војната и мирот, и надежите и страдањата во немилосрдниот и неправеден свет каде вредностите како дом, љубов, семејството, правда, губат смисла пред интересите, парите, консумеризмот, желбата за уште и уште…

Репликите од драмите на Горан Стефановски, толку наши и блиски, толку вистинити и точни, искажани од докажаните актери како: Мето Јовановски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Софија Куновска, Драган Спасов Дац, Игор Ангелов, Јелена Жугиќ, но и од нивните помлади колеги Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, како и од малечката Саша Димитриевска, нè погодуваа таму каде нè боли.

Претставата ја надополнува музиката на Влатко Стефановски, сценографијата на Александар Дениќ, како и костимите на Роза Трајческа-Ристовска.

Човекот има повеќе идентитети, нив ги гради во текот на својот живот, во нив се препознава, се сплотува, или како што кажува Стефановски, човек треба идентитетот секојдневно да го освојува, како и слободата. Така ја гради и својата приказна… „Се викам Горан Стефановски. Се родив во Република Македонија, која тогаш беше дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Ги поминав првите 40 години во Скопје како драмски писател и даскал по драма. Се оженив за Пат, Англичанка. Имавме две деца и бевме среќни. Имавме убава приказна.“ (Н.И.Т.)




2 views

Comments


bottom of page