top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Kина ќе го прикажува целото филмско творештво на Милчо Манчевски

09.10.2024 Oktomvri Sreda

Во 2017, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмска структура

Државниот Филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува: „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.

Интервју на Манчевски по повод ретроспективата во Шангај во 2017

Во 2017, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија, воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.

Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмска структура.

Редица за мастеркласот на Манчевски во Шангај во 2017

„Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина, наиде на голем успех и има култен статус. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“.

Турскиот постер на ‘Пред дождот’ до врамените слики на ѕидот на Трифо, Вуди Ален и Кишловски во мини кинотека во Шангај

„Една вечер ме однесоа низ сокачиња преполни со луѓе, по скали, па во еден стан, низ една соба, па во собата назад, каде што имаше еден огромен постер на стар француски филм, цела библиотека книги и врамени слики на ѕидот: Бергман, Орсон Велс, Тарковски, Жан-Лик Годар, Трифо… Се вика Кафе-кино ‘Шаброл’, во стан, каде собира само 15 луѓе. Секоја вечер си пуштаат филмови и ги дискутираат. И една од врамените слики на ѕидот, среде Шангај, до Трифо, Вуди Ален и Кишловски, беше турскиот постер на ‘Пред дождот’,“ рече Манчевски по ретроспективата во Шангај во 2017.

Во 2019 Манчевски беше и во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.


0 views

Comments


bottom of page