top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

IN MEMORIAM: Почина четирикратниот шаховски првак Васил Панов

Updated: Sep 3, 2021

02.09.2021 Septemvri Cetvrtok

По кусо боледување, во четврток наутро на 02 септември, во Скопје почина Васил Панов, еден од великаните на поствоениот македонски шах.

Како и повеќето негови современици, тој е самоук шахист, но изгради респектабилна кариера и во Македонија, но и во странство, каде учествувал и победувал на турнири. Има освоено четири шампионски титули во Македонија, во 1958, 1962, 1965 и 1969 година. Два пати триумфирал на турнирот во Ла Специја, во Италија. Запаметен е како прв шаховски коментатор на РТС Скопје, а потоа бил кореспондент на весникот „Вечер“. Бил член на Организациониот одбор за шаховската Олимпијада во Скопје 1972 година, а во времето на нејзиното одржување и нејзин генерален секретар.

Васил Панов е роден во Струмица на 29 јуни 1938 година. Дипломирал правни науки и работел како Секретар на Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Шаховската кариера ја прекинал мошне рано, кога имал 36 години, поради потребата да се посвети на семејството. Од 1974 година се префрлува во Министерството за надворешни работи и започнува дипломатска кариера како Генерален конзул на СФРЈ во Торонто, Канада, а неколку години подоцна и во Перт, Западна Австралија. По враќањето во Македонија, работел како генерален секретар на МАНУ во периодот од 1989 до 2000 година.

Редакцијата „Дерби“ упатува сочувство до семејството на Васил Панов, кој во текот на 2020 и 2021 година во повеќе наврати се одзва на нашата покана за интервју со него, по што на 10 февруари беше публикуван комплетниот разговор.


0 views

Comments


bottom of page