top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Eдна од најпознатите биографии за Леонардо да Винчи oбјавена на македонски

„Леонардо зад себе оставил безброј записи – неговите белешки и скици, кои не биле познати во негово време, па дури и потоа. Нивните траги може да се најдат во многу колекции во Европа и во САД, а самиот материјал е делумно предмет на истражување, толкување и дискусија. На тој начин најмногу се доближуваме до него, дури и повеќе одошто преку добро зачуваните слики, кои најверојатно и без исклучок биле правени по нарачка“, ќе посочи норвешкиот писател Атле Нес, автор на биографската книга за Леонардо да Винчи

И по пет века од смртта, Леонардо да Винчи (1452 – 1519) е актуелен и е едно од најпознатите имиња во историјата на уметноста во светот. Денес тој сè уште привлекува големо внимание кај проучувачите на историјата на уметноста, кај современите уметници, но и кај биографите. Една од најпознатите биографии напишани за него е биографијата на норвешкиот писател, историчар на уметноста и биограф Атле Нес. И токму оваа биографска книга на македонски јазик ја објави издавачката куќа „Македоника литера“ под наслов „Леонардо да Винчи и неговото време“. Книгата поради компактноста, темелноста и согледувања и сознанија за најпознатиот уметник на ренесансата, веќе е преведена на повеќе јазици во светот.

Како што истакнува издавачот, биографијата има монографска форма и е илустрирана со голем број цртежи, слики и скици на пронајдоци на Леонардо да Винчи, а еден дел на крајот е печатен во боја, во кој се сместени репродукции на најпознатите дела на уметникот. Преводот на македонски јазик е на Ленче Тосева и Елена Саздовска.

„Во оваа биографија за Леонардо да Винчи, Атле Нес раскажува инспиративно, возбудливо и документирано за безграничната фантазија и генијалниот талент на Леонардо, за неговите ремек-дела, за скиците и цртежите, за кодираните белешки, за познати и малку познати нешта поврзани со неговото творештво и со неговата личност. Нес на импресивен начин го опишува необичниот животен пат на Леонардо, момчето од најниските слоеви од местото Винчи кај Тоскана, до градењето на неговата кариера на популарен и култен уметник во Европа. Но истовремено многу детално и прецизно го претставува историскиот контекст, односно настаните од неговото време во градовите и местата во кои живеел“, посочуваат од „Македоника литера“.

За Леонардо да Винчи нема кој не знае. Тој е сликар, вајар, архитект, инженер, анатом, астроном, ботаничар…, сестран талент и голем гениј – но и голема мистерија. „Сè уште е предизвик за многу истражувачи на неговото дело и неговиот творечки пат. Тој е генијален уметник и пронаоѓач, најжестокиот претставник на ренесансата, еден од најконтроверзните и мистериозните уметници во светот“, истакнува издавачот.



За весникот ВЕЧЕР, Нове Цветаноски, управител на издавачката куќа „Македоника литера“, додава дека тој бил вонбрачен син, леворак, хомосексуалец… „Овие нешта тешко му давале добра шанса на Леонардо да гради кариера во Европа во 15 век. Сепак, приказната за неговиот живот е приказна за човек толку многу талентиран што ги надминал сите овие аспекти и станал најзабележителната фигура на ренесансата. Во историски период на немири, превирања и бруталност, тој успеал да си обезбеди позиции во најпознатите благороднички дворови во Европа и да ги придобие за покровители најмоќните владетели. Импресиониран од неговата дарба, татко му го одвел во школата на еден од најпознатите уметници во Фиренца, Андреа Верокио. Но, ученикот брзо го надминал својот учител. Леонардо да Винчи е универзален гениј. Неговата рака насликала ненадминати ремек-дела, а неговиот ум понудил откритија и пронајдоци што ќе се реализираат дури неколку векови подоцна“, посочува Цветаноски.


Во предговорот на книгата, пак, самиот автор Нес ќе напише: „Леонардо зад себе оставил безброј записи – неговите белешки и скици, кои не биле познати во негово време, па дури и потоа. Нивните траги може да се најдат во многу колекции во Европа и во САД, а самиот материјал е делумно предмет на истражување, толкување и дискусија. На тој начин најмногу се доближуваме до него, дури и повеќе одошто преку добро зачуваните слики, кои најверојатно и без исклучок биле правени по нарачка. Се обидов прилично внимателно да цитирам извадоци од овие белешки, како самиот Леонардо да Винчи да звучи од биографијата. На истиот начин се претставени многу од повеќе или помалку завршените скици и цртежи. Така неговиот талент, кој е веројатно невиден по својата универзалност – и неговата трансцедентна имагинација, го наоѓаат својот најдобар израз“.

Всушност, Атле Нес, кој самиот има големи познавања од историјата на уметноста, историјата, јазиците и математиката, одблиску на читателите им го покажува човекот скриен зад митот за творецот и историскиот контекст во кој се создадени ремек-делата на Леонардо.

Нес (1949) е автор и на биографии за Галилео Галилеј, Едвард Мунк и Хенрик Ибзен, но и на романи, книги за деца и есеи за уметноста. Носител е на неколку награди, меѓу кои и на највисоката книжевна награда во Норвешка – „Браги“ за неговата биографија за Галилео Галилеј. Тој е афирмиран биограф, го сметаат за еден од најголемите и најдобрите европски биографи кога станува збор за уметниците. Работи како слободен (професионален) писател. (Н.И.Т.)







4 views

Comments


bottom of page