Aкадемијата на Динамо подобро рангирана од Ла Масија
ФУДБАЛ
Одлуката на Дани Олмо да замине од Барселона во Динамо Загреб во 2014 година не се случи како гром од ведро небо, тоа беше одраз на работата во хрватскиот клуб. Во ексклузивното интервју за „Скај спорт“, поранешниот шеф на академијата на Динамо, Ромео Јозак, објаснува што го издвојува Динамо од другите клубови… Тогаш16-годишниот фудбалер замина од можеби најпознатата фудбалска академија во светот, Ла Масија, и тргна по непознат пат. И други си заминуваа од Барса, пред него Сеск Фабрегас, неодамна и Ерик Гарсија. Но тие се упатија кон богатите клубови во Премиер-лигата. Одлуката на Олмо означи поместување од вообичаениот тренд, промена на насоката на патување во оваа глобализирана економија. Тој погледна кон Хрватска, беше привлечен од можноста да игра редовно, како и од педигрето на Лука Модриќ и на Матео Ковачиќ. На 15 ноември 2019 година, додека уште беше играч на Динамо, тој дебитира за Шпанија и постигна гол. И по седум години, тој трансфер и понатаму останува необичен, но е симбол на способноста на Динамо да се натпреварува со најславните академии.
ТРАНСФЕРОТ НА ОЛМО
– Кога почнав во академијата на Динамо беше невозможно да се дојде до еден од најдобрите млади играчи на Барселона. Но поради нашиот имиџ, поради нашата работа, Олмо го направи тој потег. Заедно со неговите родители, тој пресмета дека ќе добие шанса во вториот тим на Барселона. Неговиот татко беше доволно скромен и доволно паметен да ја анализира ситуацијата во клубовите низ Европа. Тој сфати дека ние сме тие што им дававме можност на најдобрите млади играчи. Тоа го правевме од деловни причини, се разбира, затоа што потоа сакате да го продадете играчот, имаше логика во тоа. И покрај сѐ, тоа беше голема одлука. Во Барселона е сончево, а во Загреб во ноември може да врне снег и дожд, може да биде многу ветровито и магливо. Но тој продолжи да се бори, да игра, покажувајќи ја амбицијата. Како тинејџер, сигурно имаше сомнежи, но неговите родители и агенти имаа визија и тој се држеше до неа, што јас не го гледам често. Мора да се почитува таа одлука. Тој заслужува огромна почит – вели Јозак. Олмо сега е многу почитуван, редовен е во тимот на Шпанија и се надева дека наскоро ќе го направи следниот голем потег во кариерата. Некои очекуваат негово враќање во Барселона. Во една неодамнешна студија, фудбалската опсерваторија на Центарот за спортски студии (ЦИЕС) ја рангира академијата на Динамо како четврта најдобра во Европа. Пред таа на Барселона. Динамо неодамна стана првиот европски клуб што е партнер со Меѓународната федерација за фудбалски науки и перформанси, за да се осигури дека нивните тренери ќе останат на врвот. Јозак беше седум години директор на академијата и е дел од едно од малите европски чуда, во клуб чиј буџет за академијата беше околу еден милион фунти, но ги одржуваше истите стандарди како академии со 10 пати поголем буџет. Како се случи тоа? Многумина сакаат да ги знаат тајните од тренинзите. Факт е дека Јозак, при неговиот ангажман во Хрватската фудбалска федерација, го напиша прирачникот за тренери, идентификувајќи над 100 посакувани технички карактеристики кај младите играчи на возраст меѓу осум и 12 години.
ИЗБОР НА ТРЕНЕРИ
– Не се работеше само за вежби. Секој може да ги најде на Јутјуб. Изборот на тренерите беше главниот потег. Луѓе искрени, страсни, амбициозни и лојални на играта, кои нема да ги користат ситуациите за себе или за агентите. Изборот на тренерите беше најважната работа, пресвртниот момент. Сакавме да создадеме средина што ќе ги тера луѓето напред, да ги турка таму каде што сакаат да бидат. Ги применувавме сите модерни идеи. Баравме талент, брзина, агресивност, толеранција на притисок. Не дозволивме никого да пропуштиме. Сега секој го превртува секој камен барајќи талент. Тогаш бевме само ние, беше полесно – вели Јозак. Според Јозак, секој може да носи тренерки на Динамо, но најбитното е да се имаат вистинските луѓе на вистинските места. – Да, слушаме за УЕФА-пролиценца. Но тренерите со иста УЕФА-пролиценца не се исти. Како и лекарите, наставниците, механичарите, некои се подобри од другите, а се со исти квалификации. Постојат пет критериуми за мене. Тие мора да бидат паметни. Ако некому треба да му го кажам истото трипати, тој не е за мене. Треба да бидат искрени, да не се мешаат со агенти, да бидат лојални на играта, страсни, а не да се водат од парите. Треба да имаат талент за играта, чувство за играчи – вели Јозак. Шансата да играат што им се дава на младите играчи останува најголемата разлика меѓу Динамо и другите врвни академии. – Имавме среќа и привилегија да можеме да имаме едно или две места во тимот, специјално за развојот на младите играчи, бидејќи не можете да имате пет тинејџери во тимот и да ја освоите лигата, без разлика колку се талентирани. Кај нас најталентираните можеа да влезат во првиот тим, Ковачиќ го прескокна тимот до 19 години и влезе во првиот тим на 17 години. Ален Халиловиќ заигра на 16, Шиме Врсаљко беше стандарден првотимец на 18 години – рече Јозак. Додајте го и Олмо на таа листа. Тој пристигна во Динамо барајќи шанса да игра и ја најде. Одигра повеќе од 100 меча во сениорската конкуренција пред да наполни 21 година, уживајќи во широк спектар искуства, кои вклучуваа да биде дел од освојување пет домашни титули и редовно да игра во Европа.
Comments