74. издание на Канскиот филмски фестивал е посебно за Македонија. Оваа година првпат има македонски
74. издание на Канскиот филмски фестивал е посебно за Македонија. Оваа година првпат има македонски филм во официјална селекција на фестивалот. Станува збор за краткометражниот игран филм „Северен пол“, по сценарио и во режија на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кино око“, кој ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Светската премиера филмот ќе ја има на 16 јули, во 11 часот, во салата „Дебиси“ (Debussy Theatre), а на проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот
Со свеченото отворање на 74. Кански филмски фестивал и прошетката на филмските ѕвезди на црвениот тепих, синоќа, повторно се врати сјајот на Кан и светскиот филм, којшто, како и повеќето дејности, беше тешко погоден од пандемијата на коронавирусот.
„Овде конечно сме повторно собрани во нашите прекрасни тоалети“, рече американската актерка Џоди Фостер, која беше почесна гостинка на церемонијата на отворањето на фестивалот и прва говореше на сцената. На Фостер, која првпат се појави во Кан на 13-годишна возраст, по улогата во филмот „Таксист“, ѝ беше врачена почесната „Златна палма“ од страна на шпанскиот режисер Педро Алмодовар. На сцената им се придружија и Бонг Џун-Хо, добитникот на „Златна палма“ во 2019 за филмот „Паразит“ и претседателот на жирито, американскиот режисер Спајк Ли, кои заедно го означија за отворено 74. издание на фестивалот.
Со светската премиера на романтичниот мјузикл „Анет“ (Annette) на францускиот сценарист и режисер Леос Каракс, со Марион Котијар и Адам Драјвер во главните улоги,пак, стартуваше годинешниот фестивал. Ова остварување, заедно со уште 23 филмови ќе се натпреваруваат за „Златната палма“. На списокот на филмови во трката за главната награда, меѓу другите, се и остварувањата „Three Floors“ на Италијанецот Нани Морети, „Flag day“ на американскиот актер и режисер Шон Пен, „Petrov`s flu“ на Русинот Кирил Серебреников, „Paris 13th District“ на Французинот Жак Одијард, „A hero“ на Иранецот Асгар Фаради, како и „Benedetta“ на Пол Верховен од Холандија и „French Dispatch“ на режисерот Вес Андерсон од САД.
Инаку, за време на фестивалот, кој ќе трае до 17 јули, ќе бидат прикажани повеќе од 60 филмови. Како што е познато, Канскиот фестивал, кој обично се одржува секој мај, годинава поради пандемијата беше преместен во јули.
Македонската кинематографија во Кан и на филмскиот маркет
Но, ова издание на фестивалот за Македонија е посебно, бидејќи оваа година за првпат има македонски филм во официјална селекција – краткометражниот игран филм „Северен пол“ по сценарио и во режија на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кино око“, кој ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Најновото краткометражно остварување на Апчевска-Петровска, светската премиера ќе ја има на 16 јули во 11 часот во салата „Дебиси“ (Debussy Theatre).
„На проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот, а за оваа пригода Агенцијата за филм организира и коктел-забава (15 јули) на која ќе бидат поканети соработници и претставници од европската и светската филмска индустрија присутни на Канскиот филмски фестивал. Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита и преку официјална честитка во престижниот филмски магазин Variety – во печатеното дневно издание на магазинот на 10 јули“, соопштија од Агенцијата за филм.
Инаку, по паузата од една година, Агенцијата за филм повторно е присутна на физичкото издание на филмскиот маркет во Кан каде со свој промотивен штанд ќе врши промоција и презентација на македонската кинематографија во рамки на SEE Pavilion (павилјон на земјите од југоисточна Европа).
Во рамките на Филмскиот маркет ќе има проекции на два филма, „Снежана на крајот умира” на Кристијан Ристески, кој ќе биде прикажан на 9 јули во 11:30 часот, во Palais F. Во истата киносала, своја маркет проекција ќе има и филмот „Денот на жената“ на Гоце Цветановски, на 11 јули во 11:30 часот.
„На маркетот (6 – 15 јули) Агенцијата за филм, како и секоја година досега, ги презентира најновите филмови кои се во пост продукција или се завршени, најновите каталози во кои се претставени сите нови филмски проекти реализирани во 2020 и 2021 година и филмови кои се во фаза на реализација, како и мерката за право на поврат на средства за снимање на странски продукции. Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм ќе биде присутна и на он-лајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online“, додаваат од македонската Агенција за филм.(Н.И.Т.)
Comments