„50 испеани приказни“ од Александар Русјаков е добитник на „Антево перо“
Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседателка), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Пристигнаа 73 стихозбирки, со најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа шест стихозбирки: Александар Русјаков – „50 испеани приказни“, Љубинка Донева – „Монолог на пирејот“, Милена Сиљаноска – „Болопадание“, Кирил Ангелов – „сновиденија“, Александра Спасеска – „Координати на болката“ и Томе Липовски – „А што да речам“. По темелното разгледување на вредностите на секоја од овие шест стихозбирки и по завршните дискусии на членовите на жирито, комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево перо“ за 2023 година да ѝ припадне на стихозбирката „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков.
– Поетската збирка „50 испеани приказни“ на мултиталентираниот Александар Русјаков нуди една малку поинаква поетика што нѐ пречекува уште на самиот почеток кога ја восприемаме преку формата. Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста. Тие кадри ја менуваат техниката наизменично и прикажаното преминува во анимиран филм во црно-бела техника каде што секој кадар е нацртан рачно и во секоја линија се гледа пораката што поетот сака да ни ја пренесе. Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика. Интертекстуалноста е суптилно нагласена преку експресионистичките постапки на Кафка, но и апсурдноста на Ками, суровоста на Буковски и брилијантната реалистичност на Достоевски. Ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија. И оксиморонот и парадоксот му овозможуваат на поетот директен и недвосмислен начин на соопштување на својата, на личната перспектива на времето, просторот и луѓето во тој простор и време, со што се осмислува и оправдува неговото постоење во центарот на сето тоа. Со оваа поезија, Русјаков соопштува универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски во кои секоја песна се раѓа и вечно живее – стои во одлуката на жирито.
Comments