43 години од раѓањето на музичката легенда: Најубавите мисли на Тоше Проески за животот
„Нема ѕвезди, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен“.
На денешен ден, пред 43 години, е роден македонскиот пејач Тоше Проески, човекот што беше синоним за добрина, човекољубивост и ангелски глас. Иако имаше само 26 години кога нè напушти во 2007 година, Проески постигна толку многу во својата музичка кариера и, најважно од сѐ, нѐ сакаше сите, а и ние го сакавме него.
Иако не се фалеше за своите добри дела, оние на кои им помогна и ден-денес се благодарни за неговата хуманост. А, таквите убави приказни се многубројни.
Таков беше и неговиот последен хуманитарен концерт под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на Градскиот стадион во Скопје, денешна Национална арена „Тоше Проески“. Парите од билетите, кои чинеа симболични 200 денари, беа донирани за петгодишниот проект за основно образование финансиран од УСАИД. Со нив беа реновирани околу 100 училишта во Македонија и беа значаен придонес за спроведување на образовните реформи.
На овој ден, сакаме да се потсетиме на неговите размислувања за животот, со кои своевремено ја покажуваше својата длабочина и мудрост.
За богатството„Мене ми е незамисливо кога некој што може да им даде нешто на оние што имаат малку или ништо, ги затвора очите и не им подава рака. Низ годините, јас научив да се однесувам како некои луѓе што ми помагаа кога моето семејство беше сиромашно. Се трудам да им помагам на сите блиски колку што можам, дури и на оние што не ми се ништо. Затоа сум амбасадор на УНИЦЕФ. Живеам одлично, како и порано, и повеќе од тоа не ми треба. Јас бев најсреќен кога му купив автомобил на татко ми. Се вратив од турнеја и не купив за себе, туку купив за него!“
Тоше Проески за време на националниот Избор на песна за Евровизија / 14 февруари 2004 / Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI
За пријателите„Мојата кариера многу ми помогна да ги препознаам вистинските и лажните пријатели. Оние што ми беа вистински пријатели останаа покрај мене и кога работите не беа толку одлични во мојот живот и во кариерата, а во тој момент периодично исчезнуваа другите, но не знаеја дека тој период ќе трае пократко од нив“.
Тоше Проески во Хвар, Хрватска / 1 август 2007 / Фото: STRINGER / AFP / Profimedia
За славата„Целта на мојот живот не е кариера, туку контактот со луѓето, можноста да разменам енергија со нив. Сакам позитивно да влијаам на сите околу мене, тоа е мојата мисија. Никогаш нема да си речам: ‘Браво’. Правам нешто што го сакам, но никогаш не сум воодушевен. Често наоѓам маани, но тоа е дел од мојата работа. Не се идеализирам себеси, ниту кој било друг пејач. Можам само да ги ценам моите колеги. Мојот единствен идол е Бог, а сите други луѓе си ја вршат работата добро или малку полошо. Нема ѕвезди, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен“.
Тоше Проески за време на националниот Избор на песна за Евровизија / 14 февруари 2004 / Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI
За жените„Секоја жена на овој свет заслужува, барем во очите на еден маж, во еден момент, во една секунда, макар тоа било и само еднаш во животот, да се почувствува како најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го потрошил залудно“.
Тоше Проески со малечко девојче на неговиот последен концерт / 5 октомври 2007 / Фото: ROBERT ATANASOVSKI / AFP / Profimedia
Comments