“30 години творештво на Нела Јанковска“- ретроспективна изложба на скулптури
07.12.2020 Декември Понеделник
Скулптурите создавани во изминатите 30 години творење на академски скулптор Нела Јанковска од Крива Паланка, се изложени на ретроспективната изложба во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка.
Изложбата содржи седумдесетина скулптури и дела од Јанковска, а нејзината уметничка сторија беше прикажана и на докуметарен филм продуциран по повод тридеценискиот јубилеј.
“Отсекогаш сум имала желба создавајќи да формирам еден временски апстракт во кој ги собирам сите мои емоции во делото, се она што не опркужува и тоа да биде како едно време од минатото пренесено во сегашноста, кое ќе патува во иднината. Така и наградената моја скулптура од 2008 која ми е многу драга, а за жал, ја немаме тука, е дел од тој циклус „Временски патници“ , а сите ние сме патници низ времето, минато-сегашно, идно, и верувам дека моите дела во иднина ќе бидат ценети, ќе ги збогатуваат мзуејските збирки. Посакувам и во нашиот музеј да имаме постојана уметничка поставка во која ние авторите од градот ќе оставиме свои дела и белег на времето, изјави Јанковска.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија и локланата самоуправа на Општина Крива Паланка, а вклучени во реализацијата се повеќе локални уметници, како и Центар за аудио-визуелни уметности.
Ова е трета самостојна изложба на Јанковска, по оние во 1997 и 1998. Учествувала на над триесет групни изложби, бројни интернационални ликовни колонии. Во моментот работи како ликовен педагог во ООУ „Х.Т.Карпош“, Ранковце, а член е на Друштвото на ликовни уметници на РС Македонија.
Comments