top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

25 години од смртта на Лејди Ди

Поминаа точно 25 години од стравичната сообраќајка во која животот го загуби принцезата Дијана, првата сопруга на принцот Чарлс и мајка на принцовите Вилијам и Хари. Нејзината прерана смрт ја растажи не само Велика Британија туку и целиот свет. Нејзиниот живот и смрт сè уште се предмет на интерес на светската јавност, која со нетрпение ги очекува досега непознатите информации за нејзиниот брак со принцот Чарлс, разводот, љубовниот живот и трагичната несреќа. Принцезата од Велс настрада на 31 август 1997 година во тунелот Пон де л’Алма во Париз. Таа седела на задното седиште во луксузниот мерцедес, кој удрил во потпорниот столб на тунелот. Нејзиниот пријател, филмскиот продуцент Доди Ал-Фајед, и возачот Анри Пол, кој возел под дејство на алкохол и антидепресиви, исто така загинаа во несреќата. Единствениот преживеан во фаталната несреќа е телохранителот на Дијана, Тревор Рис-Џонс. На неговото лице се уште се видливи лузните од несреќата. Во изминатите години тој не можеше да се види во јавност, а неодамна „Дејли мејл“ објави негови фотографии. Според британските таблоиди, Тревор живее во Освестри со сопругата и децата. Моментално е вработен како шеф на обезбедување во глобалната биофармацевтска компанија „АстраЗенека“. Тој живее мирен живот, не е често во јавноста и не зборува за трагедијата. „Тој се обиде да продолжи со својот живот“, изјави извор за „Сан“. За Тревор е чудо што остана жив по несреќата. Тој тогаш имал 29 години. Седел на предното седиште од автомобилот, а од силината на ударот му биле скршени сите коски на лицето и се здобил и со тешки повреди на градниот кош. Од смрт го спасиле воздушното перниче и сигурносниот појас. Десет дена бил во кома, а хирурзите морале да му го реконструираат лицето. По несреќата изјавил дека не се сеќава што се случило. Последното нешто на кое се сеќава е влегувањето во кобниот мерцедес пред хотелот Риц и белиот фиат уно кој одел по нив. Несреќата можела да се избегне… „Би сакал да знам што се случи. Јас сум единствениот човек кој може да им ја каже вистината на луѓето, но не можам да се сетам. Сметам дека тоа е несреќа што можеше да се избегне и дека Анри Пол направи грешка што седна зад воланот на автомобилот знаејќи дека пиел, и дека не ни кажа ниту нам ниту на Доди дека не е способен за возење,“ рече Тревор „Тоа беше грешка. Се работи за сообраќајна несреќа во пијана состојба предизвикана од брзина. И тоа е тоа.“ Во пресрет на 25-годишнината од смртта на Дијана, на британскиот „Ченл 4“ почна да се емитува нов документарен филм со наслов „Истрага за Дијана: Смрт во Париз“ (Diana Inquest: Death in Paris). Во четири епизоди од документарецот, членови на француската и британската полиција ја претставија својата страна на приказната. Во првата епизода, главниот истражител Ерик Гигу откри како по несреќата до најмалите детали ја реконструирале рутата по која се движела автомобилот во кој се наоѓала Дијана. „Се обидовме да најдеме сведоци, секој што можел да види или чуе нешто – автомобили, мотоцикли – се што се случувало неколку минути или секунди пред несреќата,“ вели Гигу. До денес не е пронајден белиот Фиат Уно кој наводно ја предизвикал несреќата. Според искази на луѓе кои во тој момент се наоѓале во тунелот, фиатот се приближил до мерцедесот, а истражителите се убедени дека двата автомобила се допреле со голема брзина, по што мерцедесот удрил во столб во тунел. Неверојатно е што за 25 години никој не успеал да му влезе во трага на белиот Фиат, чиј возач можел да ги разјасни деталите за страшната несреќа. Ова е една од причините зошто постојат многу теории на заговор околу смртта на Дијана. Многу прашања сè уште немаат одговор бидејќи возачите на мистериозниот автомобил и мотор во парискиот тунел никогаш не биле пронајдени.





2 views

Comments


bottom of page