24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј: Браќата што го сменија светот
24.05.2023 Maj Sreda
Македонските и сесловенски просветители, браќата Кирил и Методиј, се заслужни за културниот развој на сите словенски народи, основоположници се на словенската писменост и литература, основачи на првата словенска азбука – глаголицата. Моравската мисија на двајцата браќа, всушност е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план, преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и заедно со брат му да ги преведе неопходните книги на словенски јазик СОдекоја година, на 24 мај, Македонија го одбележува Денот на сесловенските просветители и го слави големото дело на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Македонските и сесловенски просветители – браќата Кирил и Методиј, се заслужни за културниот развој на сите словенски народи, основоположници се на словенската писменост и литература, основачи на првата словенска азбука – глаголицата. Денот на сесловенските просветители и учители Св. Кирил и Методиј, или Денот на светите солунски браќа Кирил и Методиј, е значаен и голем државен македонски празник, кој првпат во Македонија бил одбележан на 11 мај 1863 година во црквата „Св. Богородица“ во Скопје. Датумот е избран бидејќи го означува денот кога започнала Моравската мисија. „Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување на св. Кирил на 27/14 февруари и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: ‘И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен’. Но поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости, кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија, во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи“, ќе посочи македонскиот фолклорист д-р Марко Китевски. Моравската мисија на двајцата браќа е всушност важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план, преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе задно со брат му Методија неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Како што е познато од житијата, Кирил и Методиј биле пречекани во Моравија со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. „Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера, лично пред папата, да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа стигнале во Венеција, каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. ‘Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?’ ‒ им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи, словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците“, нè потсетува Китевски, во својата статија посветена на празнувањето на 24 мај, на македонска почва низ вековите. Како што е познато во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент I, кои св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија. Папата, тргнувајќи од некои интереси на папската столица, дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата. Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери. „По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година, на голема жал на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим, во црквата ‘Свети Климент’. Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија, одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето (по директна интервенција на папата), морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај, во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик. Починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград“, ќе додаде Китевски. Тој во својата статија ќе посочи и дека на повеќе места (села и градови) во Македонија празникот на светите браќа Кирил и Методиј отсекогаш се празнувал свечено и со многу активности, како што се служби, литии, беседи за значењето на светителите. За празнувањето и за важноста, која ја имаат браќата за македонскиот, како и за сите словенски народи, пишуваат Марко Цепенков и Григор Прличев, a за животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“, „О`писменех“ од Црноризец Храбар. Животот на солунските браќа Константин (познат под монашкото име Кирил) и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија. Методиј е роден во 826 година. Се школувал во специјални училишта за стекнување воени вештини и за извршување високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите што ги поседувал, Методиј на 20-годишна возраст добил чин војвода од византискиот двор. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското Кнежество во Македонија, кое се простирало во Струмичко-брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигури поддршката од месното население во борбата против бугарските напади на таа територија. Константин бил роден во 827 год. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет, каде што изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија на универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован, стекнал голема доверба на византискиот двор. Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим, каде што се наоѓа до денешни дни. Методиј со добиениот архиепископски чин од папата се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, сè до смртта во 885 година. Верските мисии на Кирил и Методиј Прва мисија на Константин била мисијата кај Сарацените во Багдад (Арапска мисија), која имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите. Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското Кнежество во Македонија (Брегалничка мисија). Доаѓајќи во Брегалничко, според легендата, Константин покрстил 54.000 Словени. Таму Константин ги воочил проблемите со кои се соочуваат Словените, со немањето своја азбука и неможноста да се употребува грчкото унцијално писмо и латиничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови. Во 860 година, Константин е испратен од Византија кај Хазарите, на брегот на Црно Море (Хазарска мисија). Тие немале официјална религија. Кај хазарското население имало Евреи, муслимани, христијани и пагани (многубошци). Задача на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј. Во оваа мисија на Крим, тие ги откриле моштите на папата Климент Први (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата „Св. Димитрија“ во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент. Дел од моштите Константин понел со себе. По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен во нова мисија кај Аланите, во градот Фула, на источниот брег на Црно Море. И оваа мисија успешно ја завршил покрстувајќи голем број пагани.
Comments