Тинејџерската ТВ серија “Кога паѓаш“ на Билјана Црвенковска доби Script Pool TV Award
Во рамки на Industry@Tallin&Baltic Event, тинејџерската ТВ серија во развој „Кога паѓаш“ [“When you fall”] на познатата македонска авторка и сценаристка Билјана Црвенковска ја доби првата награда, односно Script Pool TV Award.
Се работи за брзорастечка регионална бизнис платформа која секој ноември, за време на Black Nights Film Festival, одржува петдневен самит и саем на професионалци од аудиовизуелната индустрија, со цел да воспостави конекции и точки на соработка помеѓу повеќе големи индустрии, со посебен фокус на поврзување скандинавската и балтичката филмска, забавувачка, технолошка и инвестицкиска индустрија со останатите континенти и глобално истакнати професионалци во областа.
При доделувањето на наградите, жирито кое ја додели Script Pool TV Award, за „Кога паѓаш“ рече: -„Креаторите на победничкиот проект педантно и прецизно го истражиле светот во кој ја базираат нивната приказна. Вложиле многу труд обмислувајќи ја не само приказната што сакаат да ја раскажат, туку и начинот на кој би можеле подобро да допрат до таргет-публиката, правејќи таа да се заљуби во ликовите и истовремено подобрувајќи им го животот. Исто така клучно за нашата одлука беше задоволството да се види диверзитет во ликовите, вткаен во заплетот на многу природен начин.“