Импресивна гробна архитектура и накит од 3 век пр. н. е. откриени на Гимбабица
Со археолошките истражувања на локалитетот Гимбабица, деновиве е откриена импресивна гробна архитектура, како и накит од 3 век пр. н.е. Од Археолошкиот музеј, во рамките на чија годишна програма се вршат археолошките истражувања, посочуваат дека се работи за трета сезона на ископувањата на ова античко наоѓалиште при што е откриено исклучително погребување.
„Истражувањата се вршени под раководство на м-р Перо Арџанлиев, потпомогнат од стручната екипа на археолози: Илија Бошковски и Вангел Иванов. Покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и погребните обичаи оваа година за истакнување е откривањето на исклучително погребување на машки покојник. Тоа го заклучивме од импресивната гробна архитектура во која бил погребан како и од фактот дека во пределот на десната рака откривме два прстена, појава која е ретка не само за некрополата туку и пошироко за овој период“, велат надлежните од Археолошкиот музеј.
Арџанлиев пак за весникот ВЕЧЕР посочува дека до сега на територијата на државата се откривани покојници од тој период, но никогаш на рака не носеле по два туку по еден прстен, што укажува на тоа дека се работи за лице кое веројатно имало посебно место во општествениот живот во овој регион.
„Минатата година исто така откривме голем број наоди како бронзени садови, оружје и керамика, што укажува дека се работи за богато наоѓалиште“, посочува Арџанлиев, кој додава дека има и наоди од 4 век пред н. е и постари.
Инаку, локалитетот повторно е актуализиран по 65 години. Во 1953 по стручен увид на археологот Васил Лахтов, кај месноста Гимбабица, во близина на селото Избишта, биле откриени остатоци од неколку гробови кои датираат од 3 век.
Точно лоциран и хронолошки потврден, овој локалитет пред две години почна повторно да се истражува со првична цел да се открие нешто повеќе за начинот на живот на старите преспанци, бидејќи оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи кои живееле пред повеќе од 2.300 година. Во втората кампања во 2019 фокусот на истражувањето на археолозите бил насочен кон добивање на повеќе информации за ширењето и организацијата на некрополата, погребниот ритуал и одликите на материјалната култура. Со истражувањата се утврди дека оваа некропола е постара, некои гробови датираат од 4 век пред н.е.
Античката приказна за Преспа, пак, според надлежните ќе продолжи да се открива и во иднина.