Погребан Диего Марадона
Легендарниот аргентински фудбалер, Диего Армандо Марадона, кој почина во средата, е погребан во Буенос Аирес. Илјадници навивачи на улиците на аргентинската престолнина се простија со својот идол. Претходно, ковчегот со телото на Марадона беше изложен во претседателската палата. Проценките се дека околу милион луѓе му го кажале последното збогум на Ел Пибе.
Човекот кој ја однесе Аргентина до титулата на мундијалот во 1986 година е погребан на гробиштата „Бела Виста“, крај своите родители. Марадона е погребан на приватна церемонија, на која присуствувале само членовите на семејството и блиски пријатели.
На погребот биле неговите ќерки Далма и Џанина од првиот брак на Марадона со Клаудија Вилјафан, како и ќерката Јана, која Ел Пибе ја призна како свое дете пред неколку години.
На погребот била и Вероника Охеда, исто така поранешна сопруга на Марадона, со синот Диегито Фернандо.
Во вечното почивалиште Марадона го испратиле и соиграчите од Светското првенство во Мексико во 1986 година.
Поради смртта на Марадона, претседателот Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост во земјата.