top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Координативното тело укинато – нема кој да ги следи реформите во културата?!

“Во октомври минатата година Министерството за култура формираше Координативно тело за следење на процесот на реализација и имплементација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство. Една година подоцна, е укинато“, посочува Донка Барџиева-Трајковска, професор по историја на уметност и археологија и претходен член на ова тело. Таа додава дека во меѓувреме од страна на Министерството не е понудено друго решение за веќе почнатиот реформски процес…

Координативното тело за следење на процесот на реализација и имплементација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство, кое беше формирано во октомври 2019, по само една година е укинато?! Ова предизвика бурни реакции кај дел од стручните лица, поранешни членови на ова сега укинато тело кои сметаат дека со ова се нанесува штета на културата и се прекинуваат реформските процеси кои се неопходни токму поради евроинтеграциите на државата.

„Неодамна заменикот на претседателот за европски прашања Никола Димитров, изјави дека недостигаат голем број експерти кои би биле вклучени во преговарачкиот процес со ЕУ. Тоа е точно. Но, каков е односот на власта кон експертите кои постојат во одредени области и нивното учество во почнатиот реформски процес? На пример во културата. Во октомври минатата година министерството формираше Координативно тело за следење на процесот на реализација и имплементација на реформите во културата и во заштитата на културното наследство. Една година подоцна, е укинато“, посочува Донка Барџиева Трајковска, професор по историја на уметност и археологија и еден од членовите на ова тело кое е укинато минатиот месец. Таа додава дека не е спорно укинувањето на ова тело, туку што во меѓувреме не е понудено друго решение за веќе почнатиот реформски процес… Таа исто така прашува како ќе се гради вториот столб на приоритети – евроинтеграциите – без реформи во културата?

Барџиева-Трајковска појаснува дека ова тело, во кое како надворешни членови учествуваа и Никица Корубин и Ирена Стефоска, сега актуелна министерка за култура, работеше активно до март кога започна епидемијата.

Според Никица Корубин, м-р по археологија и историја на уметност, пак, координативното тело беше одличен концепт.

„Ова тело ги вклучуваше сите релевантни луѓе, кои беа на различна позиција во извршната власт (националниот координатор за култура, заменик-министерот за култура, советникот за култура на премиерот, јас и сегашната министерка како надворешни соработници и фактички линк со Собранието; и се разбира најбитно експертите). Работеше како советодавно тело и на министерот и на премиерот. Беа разгледувани сите релевантни документи, како предлог закони, елаборати, планови.

Големо и непријатно изненадување е неговото укинување, бидејќи на тој начин се прави неразбирлив прекин на започнатите реформи, и тоа при политички континуитет на владата. Никако да разбереме дека државата не е приватна сопственост, а почнувањето секогаш од почеток нè држи во место. Во оваа неиздржлива ситуација за културата генерално, а пред сè за културното наследство“, смета Никица Корубин.

До Министерството за култура упативме прашање од кои причини е укинато ова тело и какви се понатамошни планови поврзани со продолжување на реформските процеси во културата. Оттаму кратко ни беше одговорено.

„Ад хок телата, во принцип, се формираат кога нешто не функционира. Сега работите си го земаат својот институционален тек и потребата од такво тело веќе не е неопходна“.

Останува на институциите од културата сериозно да се зафатат со работата во насока на што побрза реализација на реформските процеси, со цел тие да станат општо видливи.

5 views
bottom of page