Некогашниот европски првак Италија со подмладен состав
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022
Може ли македонската кошаркарска репрезентација да ја изненади фаворизираната Италија во Талин, во рамките на вториот квалификациски прозорец за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година? Италијанците се велесила во овој спорт со вкупно 10 медали од ЕП (две злата и по четири сребрени и бронзени медали), односно петти по бројот на освоени медали. Италија е веќе пласирана на ЕП, оти е една од четирите држави-домаќини на шампионатот и настапува со подмладен состав. Селекторот на Италија, Ромео Сакети, со репрезентацијата во Талин ќе пристигне денеска, а натпреварот со Македонија треба да се игра в сабота, од 15 часот. Тој го соопшти составот со 16 кошаркари, во кој најголемиот дел се оние што играа и во првиот циклус, во февруари годинава, кога ги победија репрезентациите на Русија и на Естонија.
Во однос на тие натпревари, повторно во селекцијата се повикани Марко Спису, Амадео Теситори, Џампаоло Рики, Џордано Бартолани, Микеле Рузиер, Микеле Витали и Никола Акеле. Но има и повеќе нови имиња, Амадео Дела Вале (196 см, Будуќност), Леонардо Тоте (211 см, Фортитудо), Леонардо Канди (1,90 см, Реџо Емилија), Давиде Морети (190 см, Армани), Томасо Балдасо (191 см, Виртус), Рафаел Гаспардо (207 см, Бриндизи), Адреа Пекиа (197 см, Канту), Давиде Алвити (200 см, Трст) и Александро Пајола (194 см, Виртус). Од нив во составот на Светското првенство во 2019 година во Кина, каде што Италија го освои 10-то место, беа Теситори и Дела Вале. Сепак, Сакети, непосредно пред заминувањето за Талин, треба да го објави дефинитивниот состав за мини-турнирот. Италија има 37 учества од вкупно 40-те европски првенства, одиграла 273 меча, победила 157, а загубила 116. Во квалификациите за ЕП, Италија настапила на 94 меча, победила во 70, а загубила 24 пати.
Со оглед на тоа што Италија како еден од домаќините има обезбедено пласман на континенталното првенство во 2022 година, трката за другите две места од оваа група за пласман на ЕП ќе се води помеѓу репрезентациите на Русија, Естонија и на Македонија. По две кола на табелата во групата Б води Италија со четири бода, Русија и Естонија имаат по три, а Македонија два бода. Во Талин Македонија в понеделник треба да игра и со Естонија, а на програмата се и средбите Естонија – Русија и Русија – Италија.