top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изневерени очекувањата на издавачите за пролонгирање на роковите за изданијата, Министерството за ку

„Во година во која сите се соочуваат со потешкотии во работата, очекувано и издавачките куќи, Министерството за култура, иако е свесно за проблемите, одби да излезе во пресрет на дел од издавачките куќи. Издавачите потенцираат дека една од причините за пролонгирање на роковите е и одложениот почеток на работата поради неажурноста и на самото Министерство“, велат во изјава за весникот „ВЕЧЕР“ дел од издавачите

Дел од издавачките куќи во нашата земја се незадоволни од односот на Министерството за култура кое годинава одби да им излезе во пресрет ним и на авторите и да ги продолжи роковите за реализација на изданија од Годишната програма за дела од национален интерес. „Во година во која сите се соочуваат со потешкотии во работата, очекувано и издавачките куќи, Министерството за култура, иако е свесно за проблемите, одби да излезе во пресрет на дел од издавачките куќи. Издавачите потенцираат дека една од причините за пролонгирање на роковите е и одложениот почеток на работата поради неажурноста и на самото Министерство“, велат во изјава за весникот „ВЕЧЕР“ дел од издавачите.

Тие посочуваат дека иако се обратиле до Министерството за култура за ова прашање, оттаму досега немаат одговор. „Целата ситуација, за жал, се одрази и на динамиката на издавањето на книгите, па така се соочивме со проблемот да не успееме одредени наслови да ги издадеме заклучно со рокот утврден од страна на Министерството за култура, за изданија чие објавување тие делумно го финансираат. Писмено се обративме до Министерството, од името на МАИ (Македонската асоцијација на издавачи н.з.), со барање да се продолжи рокот за доставување на таквите наслови до крајот на годината, како што впрочем дозволува и Законот за култура, но до денес немаме одговор од нивна страна“ изјавуваат од „Полица“.

И издавачката куќа „Три“ со сличен став. „Иако беа образложени причините поради кои ги побаравме одложувањата само на неколку проекти, за рок што инаку законски ни следува, сепак Министерството, кое инаку досега не го проблематизирало продолжувањето на роковите од објективни причини, во кризна година реши да не продолжи ниту еден проект. И сега, неколкумесечниот труд на авторите и преведувачите едноставно паѓа во вода, тие ќе останат без ветениот хонорар за работата, или пак трошокот ќе биде на товар на издавачите, што дополнително го отежнува нивното фунцкионирање во кризна година“, велат од издавачката куќа „Три“.

Со оглед на тешката ситуација во сите сфери на општеството, вклучително и културата, издавачите се повикуваат и на изјавите од Министерството за култура во кои тие се залагаат за поддршка на културата и во вакви тешки околности, особено на изјавата на министерката за култура Ирена Стефоска во неодамнешното интервју во која таа вели дека „има начини и во исклучително тешки состојби да се работи и да се креира, но клучно е да преживееме и да бидеме солидарни“.

Затоа издавачите очекуваат дека Министерството сепак ќе им излезе во пресрет и на тој начин навистина ќе покаже дека се грижи за културата и во овој тежок период.

И издавачката куќа „Или-или“ смета дека Министерството за култура треба да биде флексибилно по ова прашање. „И покрај тоа што ‘Или-или’ успеа да ги реализира сите проекти од областа на издаваштвото до датумот што е предвиден од Министерството, а тоа е 15 ноември, ние стоиме на ставот дека Министерството апсолутно треба да биде флексибилно. Мислиме дури и дека не ние издавачите треба да бараме, туку самото Министерство требаше да иницира да се продолжи рокот за реализација на проектите. Бидејќи знаеме дека се работи за отежнати услови на функционирање оваа година, но и да ги нема, мислиме дека рокот за финиширање на проектите во самите договори треба да се смени во иднина и да биде до крајот на тековната година (31 декември). Ние работиме и на многу други проекти со фондации од Европа и светот и тие самите излегуваат во пресрет и сами ги пролонгираат тие рокови. Ќе повторам, иако ние успеваме да ги реализираме проектите, сметаме дека на сите издавачи кои не успеале треба да им се излезе во пресрет и да се продолжи рокот, а и за во иднина-тој рок треба да се помести до крајот на годината, бидејќи трката со рокот, особено оваа година навистина беше стресна“, посочија за „ВЕЧЕР“ од „Или-или“ додавајќи дека поважно е да се изработи квалитетна книга, отколку во тоа брзање да се направат грешки.

Оттаму додаваат и дека годинава договорите помеѓу издавачите и Министерството биле подоцна потпишани (во мај), односно речиси пет месеци од почеток на годината, со што се скратило и времето за реализација на проектите, односно издавањето на книгите. „Во услови кога многу институции се прилагодуваат кон настанатата ситуација, работат од дома или со скретено време, и кога ќе речиси никогаш не успевате да ги најдете вработените од Министерството за култура на посочените телефони, се очекува од нас да работиме како во нормални услови“, додаваат од „Или-или“.

Од Министерството за култура, пак, нè информираа дека во врска со ова прашање постапуваат согласно договорите потпишани со корисниците на средства по Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата.

„Според договорите потпишани од страна на корисниците на средства за финансирање од областа на литературата и издавачката дејност, корисникот се обврзува проектот да го реализира заклучно со 15.11 2020. Според член 10 од договорите пак, Министерството за култура има право еднострано да го раскине договорот, доколку корисникот не го реализира проектот во утврдениот рок“, беше одговорот на Министерството на нашето прашање дали ќе им излезе во пресрет на издавачите годинава со пролонгирање на роковите.

2 views
bottom of page