Промоција на книгата „Најстар стил на македонското народно пеење“ од Ѓорѓи Ѓорѓиев
Од основоположникот на катедрата за етномузикологија Ѓорѓи Ѓорѓиев
Книгата „Најстар стил на македонското народно пеење“ на универзитетскиот професор и етномузиколог Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде промовирана онлајн на 25 ноември во 19 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Книгата ја објави издавачката куќа „Арс Ламина“, а модератор на промоцијата ќе биде етномузикологот Бранка Костиќ Марковиќ, а покрај професорот Ѓорѓиев за делото ќе говори и уредникот Филип Видиновски.
Книгата е опсежна студија на нашата вокална традиција и фокусот во делото е ставен на најстарите женски обредно-обичајни и трудови песни што содржат извикувања, а авторот ја расветлува генезата, формата и содржината на поставените прашања од оваа проблематика.
Оваа публикација претставува исклучително важна придобивка за македонската научна етномузиколошка мисла. Во книгата Ѓорѓиев се нурнува длабоко во предисторијата на македонското народно пеење, реликтните форми што содржат извикување, пред сè кај формите употребувани во предисториски говори оптоварени од безброј извикувања што без сомнеж претставуваат најсигурен, убедлив и неоспорен показател за идентификација на староста на песните со извикување што го олицетворуваат најстариот стил на македонското народно пеење.
Проф. д-р Ѓорѓиев е прв доктор на музички науки на ФМУ во Белград од неговото постоење, а и меѓу првите во поранешна Југославија, со огромно искуство и широк опсег на истражувања. Воедно, тој е и основоположник на одделот по етномузикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Главен предмет на неговиот истражувачки авторски опус е развојот на македонската песнопојна традиција.