top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба „Скопје виа Солун“: Ќерамидите од Солун вградени во првата Железничка станица во Скопје

„Скопје и Солун се многу поврзани во литературата, бидејќи заедно ‘живееле’ во Османлиската империја. Македонските трговци од Скопје, во 19 век како Хаџи Трајко и Хаџи Коста кои тргувале со Блискиот Исток, со Русија, со Балканот, Австрија, често патувале во Солун и таму вршеле голема трговија“, раскажува за весникот ВЕЧЕР нашата соговорничка, етнологот Славица Христова

Фотографии од градовите, ќерамида која е произведена во најпознатата фабрика за тули во Солун од 19 век, делови од облека, сувенир купен во Солун, дрвени лажици кои се изработени во затворот во Белата кула во Солун, како и многу архивски документи се материјалните докази кои упатуваат на поврзаноста на двата града, Скопје и Солун, и укажуваат на цврстите врски кои постојат од минатото и траат до денес…

„Токму изложбата ‘Скопје виа Солун’ поставена во Музејот на град Скопје всушност раскажува за врските кои траат од 19 век до денес. На шестте паноа, пак, се испишани приказните на Скопје и Солун“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Славица Христова, која е раководител на овој проект од чија тригодишна работа произлезе истоимената изложба.

Како што ни појасни Христова, изложбата е само мал дел, но резултат на големата монографија која треба да излезе од печат на 15 декември оваа година. Истражувањето траело три години, а авторите, покрај Славица Христова се и Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска-Тачевска од Музејот на град Скопје.

Идејата за да се направи споредба и да се проучат двата града, пак, потекнала од сознанијата во литературата каде овие два града многу се среќаваат. „Скопје и Солун многу се поврзани во литературата, бидејќи заедно ‘живееле’ во Османлиската империја. Солун во тоа време, во Отоманската империја бил центар на Медитеранот, преку него течела трговијата од Балканот кон други европски и источни држави. Скопје, пак, тоа време бил главен градски центар на тој косовски вилает и бидејќи имал плодна почва, земја и многу земјоделски и сточарски производи, нив ги извезувал во Солун. Голем дел од производите, жито, брашно, кожа се пренесувале и во други земји од солунското пристаниште. Македонските трговци од Скопје, во 19 век како Хаџи Трајко и Хаџи Коста кои тргувале со Блискиот Исток, со Русија, со Балканот, Австрија, често патувале во Солун и таму вршеле голема трговија“, раскажува нашата соговорничка, етнологот Христова.

Една од важните работи, според раководителката на проектот, е всушност поврзаноста на двата града. „Таа поврзаност уште од 19 век била преку познатиот Солунски пат. Исто така, бидејќи многу роба и многу стока се пренесувало во Солун, пловна била и реката Вардар. На сплавови, на чунови, на бротчиња се пренесувала стока до Солун преку Вардар. А преку солунскиот пат што е многу важен, а кој од Солун до Скопје водел и до Приштина, но и се разгранувал по помалите гратчиња, поминувале цели карвани со камили, мулиња, магариња натоварени со стока“, додава Христова истакнувајќи дека подоцна таа поврзаност се проширила, но и се олеснила со железничката станица Скопје-Солун која била изградена 1888 година, а каде била вградена и ќерамидата поместена на изложбата.

„Железничката станица допринела многу полесно и побрзо, и во многу поголем обем, да се развива трговијата со Солун. Оваа трговија допринела и за многу контакти со градот Солун. Оттаму се купувале многу работи кои биле донесени од европските пазари. Многу егзотични предмети оттаму се купувале и се носеле во Скопје. И настанало мешање во сите сегменти во животот и прифаќање на нови стилови и насоки во животот. Во ориенталниот начин на живот почнал сè повеќе да навлегува европскиот стил преку Солун во Скопје. Секако тоа не било само оттаму, но тој имал големо влијание заради развиената трговија. Луѓето почнале да носат западна облека, купувале скапоцени ткаенини, жените почнале да носат фустани ‘ала франга’, да ги шијат во Скопје или да ги купуваат готови во Солун, купувале мебел и покуќнина, теписи, односно сè што можеле од Солун да го купат, го купувале. А и многу деца на скопските трговците се школувале во училиштата во Солун…“, додава Христова.

Таа врска Скопје-Солун, додава, предизвикала и многу лични и фамилијарни приказни. „Во проектот има многу фамилии кои на било каков начин биле поврзани со Солун, не само во минатато туку и денес… Нас (на авторите на проектот н.з.) многу ни беше интересна целата приказна. Но и проектот донесе многу интересни заклучоци. Ова е чиста географска поврзаност на градовите Скопје и Солун, кои биле во иста држава тогаш и каде настанало големо мешање на културите. Но Скопје си добил посебен печат, како и Солун“, истакнува Христова.

Изложбата, заради корона кризата, ќе биде достапна и преку фејсбук страницата на Музејот на град Скопје, но авторите планираат повторно да ја постават и во 2021 година, за да можат што повеќе посетители да ја видат. Изложбата и монографијата се финансирани од Градот Скопје и Министерството за култура.

4 views
bottom of page