Влхова доминира во светското скијање, Шифрин во втор план
Со двете слаломски победи во Светскиот куп (СК), на трките во Леви (Финска), Петра Влхова од Словачка, светската шампионка во велеслалом од Оре во 2019 година, ја стави во втор план Американката Микаела Шифрин, која до лани доминираше во СК во оваа дисциплина. Шифрин, која беше втора, а потоа и петта во Леви, првпат се појави на трките по пауза од 300 дена. Шифрин и Влхова триумфираа на последните 28 слаломски трки во СК, почнувајќи од јануари 2017 година. Шифрин победи на 19 (вкупно има 66 триумфа во СК), а Влхова на девет, од кои пет на последните пет трки (вкупно 16 победи во СК). Влхова, која лани го освои малиот кристален глобус за најдобра во слалом во СК во таа сезона, вели дека е добра пријателка со Шифрин, иако се големи конкурентки на патеките.
– Многу ја почитувам, таа е голема шампионка и дефинитивно нашиот ривалитет нѐ прави двете да се трудиме да бидеме подобри – вели Влхова, додавајќи дека го прави она што најмногу го сака и оти тоа ѝ е најважно. Влхова (25) е родена и живее во Липтовски Микулаш, на североистокот од Словачка, во областа Јасна, ски-комплекс во близината на Татрите, каде што почнала да скија под надзор на родителите. Првиот голем успех ѝ е титулата олимписка шампионка во слалом на првите Младински зимски олимписки игри во Инсбрук во 2012 година, на 16-годишна возраст. Во декември 2012-та дебитира и во СК, каде што во следните сезони постојано напредува и се подобрува. Но вистинскиот подем следува во сезоната 2015/2016, кога почнува да тренира под надзор на Италијанецот Ливио Магони, своевремено тренер на Словенката Тина Мазе и на италијанската женска алпска репрезентација. Тој ѝ наметнал ригорозни тренинзи, во сала и на отворено, смислувајќи различни вежби.
– Кога работиме на нејзината физичка подготовка, често на тренинзите доаѓам со нови вежби, кои се функционални за неа. Тоа е постојана работа. Потребни ви се големо срце и страст, бидејќи парите не се доволни за да се победува на трките. Јас сум нејзин тренер, не сум ѝ пријател, понекогаш не зборуваме со денови. Треба да бидам цврст и искрен кога работите не одат како што треба – вели Магони. На Влхова идол во младоста ѝ била сонародничката Вероника Велез- Зузулова (има пет победи во СК). Друга скијачка на која ѝ се восхитувала била Мазе. – Ја гледав Зузу на телевизија и сакав еден ден да бидам како неа. Беше прекрасно кога првпат се сретнавме и се запознавме. Тина ја сретнав на мојата прва трка во Земеринг, Австрија, при обиколката на патеката. Конечно ја видов, но не на телевизија, бевме лице в лице. Јас бев со Зузу, таа ни рече само здраво, но тој миг беше нешто посебно за мене – вели Влхова.
СВЕТСКИ КУП, ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
Петра Влхова 260 Мишел Гисин 175 Микаела Шифрин 125 Катарина Линсбергер 120 Марта Басино 113