Онлајн монодрама: “Жените на Шекспир“ со Елизабета Стефановска
„Жените на Шекспир” е наслов на монодрамата, новиот проект на Центарот за култура-Крива Паланка кој премиерно ќе биде прикажана на официјалната фб страница на оваа установа на 24 ноември, во 20 часот.
Се работи за театарската монодрама замислена како бриколаж, мозаик од женските ликови од трагедиите „Кралот Лир”, „Макбет”, „Отело” и „Хамлет”, олицетворени во еден женски принцип, комплетен поглед на женското писмо и код во овие стожерни драми од опусот на вонвременскиот Вилијам Шекспир.
“Како измешани бои на слика или уште подобро калеидоскоп се вртат силните карактери на ликовите: Дездемона, Офелија, Лејди Макбет и Корделија, впиени во една многузначна слика од бои емоции и мисли. Преку длабокиот и слоевит талент на актерката се отвораат и се мешаат одмаздата, љубомората, чедноста, невиноста со злото, жедта за моќ и власт…, изјави режисерот Глигор Цветковски.
Во претставата игра актерката Елизабета Стефановска, костимограф е Ванчо Василев, снимател Ѓорѓи Костовски, а звукот и монтажата се на Петар Спасовски и Александар Гоцев.