Креативците од тимот на “Медена земја“ Котевска и Даут, со мастер клас на 7. Филмска работилница
Учесниците на седмата сесија на Филмската училница во организација на Кинотека, откако ја проследија проекцијата на филмот “Медена земја“ имаа уникатна можност да присуствуваат на мастер-класот што го одржаа режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут.
“Македонскиот документарец „Медена земја“ минатата година буквално го покори светот на филмот. Од премиерата на фестивалот на независни филмови во Санденс на почетокот на 2019 до доделувањето на Оскарите на почетокот на 2020, каде што беше номиниран во категориите за најдобар документарец и најдобар странски филм, филмот на Котевска и Стефанов (но и на кинематограферите Даут и Самир Љума) доби десетици и десетици награди на фестивалите од сите меридијани во светот“, потсетуваат од Кинотека.
Неверојатната сторија за животот на Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, и нејзината мајка – но и номадското семејство на Хусеин Сам во соседството, како што се наведува, беше повеќе од инспирација за учесниците.
Котевска и Даут, пак, раскажуваа за нивните соништа, надежи и стравувања кога станале студенти на Факултетот за драмски уметности во Скопје, што (не) научиле во таа школа, начинот на кој ги создавале нивните први филмски творби…
“„Медена земја“ секако е досегашен врв во нивните кариери, но Котевска и Даут воопшто не го митологизираат успехот кој го постигнале. Напротив, отворено говореа за начинот на кој го создавале „Медена земја“, судирот на сопствениот филмски авторски поглед со гламурот на фестивалските црвени теписи – посебно оној оскаровскиот…“, велат од Кинотеката.
Даут ги советуваше идните филмаџии да не се потпираат само на најновите технолошки дострели како алатки во филмското творење, туку да изнајдат сопствен мотив во креацијата, која во документаристиката секогаш бара трпеливост и истрајност. Котевска, пак, им раскажуваше за тоа што планирале како крај на сторијата во „Медена земја“, а што конечно реализирале како резултат на неколкугодишното соживување со Атиџе и мајка и Назифе.
Учесниците на седмата сесија на Филмската училница добија и ДВД издание со три филма на Милчо Манчевски “Пред дождот“, “Прашина“ и “Сенки“.
Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.
Проектот е финансиран од Министерство за култура, а во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов…