top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Добра посетеност и позитивна енергија: Националната галерија со нови изложби и работилници

„Во декември се најавува изложбата од конкурсите за млад и зрел уметник, како и ретроспективната изложба на Иван Велков, академски сликар и универзитетски професор, која ќе трае и во јануари и февруари. Во моментот, пак, се подготвува и изложбата, мултимедијалниот проект „Везење во камен“, на Моника Монтевска во Чифте амам, која треба да се отвори на почетокот на декември“, посочува Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија

„Преку културата доаѓаат позитивни чувства, а со добро менаџирање, организираност и изложеност, можеме да работиме и функционираме со цел да внесеме позитивни моменти во целата оваа ситуација. Од друга страна галериите се големи простории, а вработените работат со маски, не дозволуваме влегување без дезинфекција, а се мери и температурата.

Така што посетите на галериите се секогаш со целосно придржување кон протоколите“, посочува Дита Старова-Ќерими, директорката на Национална галерија на Македонија, која и за декември најавува нови изложби, работилници и онлајн претставувања на делата од нашите еминентни уметници. Во трите галериски простори под капата на Националната галерија, Чифте амам, Даутпашин амам и Мала станица во текот на изминатите месеци и покрај пандемијата континуирано се реализираа изложби.

„Националната галерија секоја недела организира детски работилници со нашите познати уметници, во четвртокот под менторство на Решат Амети, претходно со Антони Мазневски… Со сите истражувања што се направени децата до некоја возраст не се толку изложени на вирусот, а тука е многу битен и тој психички момент, со оглед дека најмладите со голема радост, желба и емоции учествуваат во овие работилници кои се одвиваат со предвидена дистанца, со употреба на маски и ракавици од страна на оние што ги насочуваат. Го имавме и отварањето на изложбата на Решад Амети во Даутпашин амам, која ќе трае до 29 ноември, на Димитар Кондовски во Мала станица, како и „Фотомедиа“ во истиот објект, кои се одржаа со почитување на протоколот на највисоко ниво“, додава Старова Ќерими.

Таа посочува дека во декември ќе се отвори и изложбата од конкурсот на млад и зрел уметник, како и ретроспективната изложба на Иван Велков, академски сликар и универзитетски професор, а која ќе трае и во јануари и февруари. Во моментот, пак, се подготвува и изложбата, мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на Моника Монтевска во Чифте амам која треба да се отвори на почетокот на декември.

Според Старова Ќерими изложбите на домашните автори се реализираат, но има и откажувања во однос на некои од гостувањата, предвидени со годишната програма.

„Изложбите кои требаа да се реализираат во Словенија и Франција моравме да ги откажеме поради пандемијата, а откажани се и некои гостувања на странските уметници. Сепак, изминатите години инсистираме на претставувања на домашните автори, така што и годинава имавме изложби кои можевме да ги реализираме. Иако бевме скептични дека поради ситуацијата ќе има помалку публика, сепак се покажа дека постои култура на посетување на галерии која продолжи и во овие тешки услови. Иако според протоколите на 100 метри квадратни можеме да имаме 15 лица, ние практикуваме во целиот проект да има 15, а посетеност имаме секојдневно и немаме проблем и да почекаат надвор за да ја одржиме оваа бројка во галериите. Значи, има интерес и можам да кажам дека во споредба со лани 70 проценти е посетеноста, што значи дека сме задоволни и покрај ситуацијата. Ние функционираме и од продажбата на книгите и од влезниците. Имаме и голем интерес за бандани, марами со принт на дела од познати сликари“, додава Старова Ќерими.

Таа посочува дека добрата посетеност е резултат на работата на вработените, на кои и здравјето на посетителите им е од примарно значење, а во овие тешки услови потребата од присуство на изложбите е сè уште присутна и на високо ниво.

„Имавме и убава акција “Уметнички дневници“ каде педесетина уметници ни рефлектираа за нивната состојба во време на карантинот. Нивните дела потоа и ги изложивме во рамките на “Белата ноќ“ во Даутпашиниот амам за да може да се видат не само онлајн, туку и од пошироката публика“, посочува Старова-Ќерими. Националната галерија делата на домашните уметници секојдневно ги доближува до публиката од сите возрасти и онлајн на своите социјални мрежи.

2 views
bottom of page