Џејкоб Вајли, кошаркар со НБА-искуство, ќе игра за Македонија
Mногу сум благодарен за можноста да помогнам во претставувањето на Македонија заедно со националниот тим. Кога ми беше презентирана идејата да играм за оваа кошаркарска земја, не се двоумев да кажам да. Сакав да учествувам во ова, рече Џејкоб Вајли (26 години, висок 203 см), Македонец со американски потекло, по доаѓањето во Скопје, за официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Вајли има НБА-искуство, а сега игра за шпанска Гран Канарија и во лига што се смета за најсилна во Европа. Неговото искуство, секако, добро ќе му дојде на селекторот Александар Тодоров за претстојните квалификациски мечеви во Талин за пласман на Европското првенство во 2022 година. Во Талин треба да се одиграат дуелите со Италија и со Естонија, на 28, односно на 30 ноември. Вајли веќе одработи 90-минутен индивидуален тренинг во СРЦ „Кале“. – Не сум се сретнал со играчите и со селекторот, секако, поради околностите во кои живееме изминатиот период. Но јас брзо се адаптирам и мислам дека брзо ќе воспоставам добри вибрации со соиграчите. Очекувам сите да го дадеме последниот атом енергија, да се вложиме максимално и да тргнеме кон она што се бара од нас, да победуваме – вели Вајли, новиот македонски крилен центар.
Вајли во 2017 година одиграл пет средби во дресот на членот на НБА-лигата, Бруклин нетс, а следната година и за Далас маверикс во летната лига. Минатата сезона настапи за Панатинаикос, а играл и во Германија и во Австралија. Лани тој одигра 20 меча во Панатинаикос, со просек од 9,4 поени и 3,7 скока по натпревар. Сезонава, пак, во шпанската лига, за Гран Канарија, просечно по меч реализирал по 9,8 поени и 2,3 скока. По две кола на табелата од квалификациската група Б води репрезентацијата на Италија со четири бода, а потоа се Естонија и Русија со по три и Македонија со два бода. На Европското првенство, кое вторпат треба да се игра во четири земји (Чешка, Грузија, Германија и Италија), ќе играат двете најдобри селекции од групата, не сметајќи ја Италија, која веќе има обезбедено пласман на ЕП 2022 како еден од четирите организатори на шампионатот.
Почнуваат подготовките за настапот во Талин
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва, од 18 часот, ќе ги почне подготовките за ноемврискиот квалификациски дел за пласман на Европското првенство во 2022 година, на мини-турнирот во Талин (Естонија). Првиот собир селекторот Александар Тодоров го закажа во малата сала на спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, каде што ќе се тренира до заминувањето во Естонија. Предвидено е во Скопје да бидат одработени вкупно четири тренинзи. Во Талин, на 28 ноември, Македонија треба да игра со Италија, а два дена подоцна со домаќинот на турнирот Естонија. Во оваа квалификациска група е и селекцијата на Русија.