Режисерот Пиперкоски со две меѓународни признанија за филмот “Дедо и внук“
Режисерот Илија Пиперкоски доби две признанија за извонреден придонес во светот на филмот за неговиот најнов филм „Дедо и внук“. Признанијата ги доби на 4-th Dimension Independent Film Festival и на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата за најдобри наративни играни филмови.
„Наградата доаѓа во време кога со премиерата на Меѓународниот филмски фестивал „Прифест“ 2020 во Приштина, и официјално започна светската промоција на првиот долгометражен филм на режисерот и сценарист Пиперкоски.
По втор пат, наградата за најдобар директор на фотографија – кинематографер ја доби Патру Паунеску, токму за филмот „Дедо и внук“ на европските награди за кинематографија“, соопштија од продукциската куќа „Pandora’s Box“.
Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, кога младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо кај кого не бил 10 години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности и моменти за втора шанса.
Зад продукцијата на филмот стои „Pandora’s Box“, продукција од Охрид во соработка со „Dream Factory“ од Скопје и „Alien Film“ од Романија.