Македонија е во четвртиот барабан на ждрепката за СП 2022
ФУДБАЛ
Фудбалската репрезентација на Македонија од четвртиот барабан ќе влезе во ждрепката за својот седми квалификациски циклус за пласман на светско првенство (СП), овој пат за Мундијалот во 2022 година во Катар. Црвено-жолтите нема да можат да се сретнат со селекциите од четвртиот барабан, во кој се и БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и Луксембург. По одигрувањето на последното коло во Лигата на нациите, речиси се познати составите на сите барабани, за што влијае местото на ноемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која треба да биде објавена на 26 ноември. Ждрепката за составот на квалификациските групи за Светското првенство (СП) во 2022 година треба да се влече на 7 декември.
Европските репрезентации, вкупно 55, ќе бидат распоредени во 10 групи, пет со по пет репрезентации и пет со по шест селекции. Учесниците на фајналфор-турнирот во Лигата на нациите, Белгија, Франција, Шпанија и Италија, ќе играат во групите со по пет репрезентации. Првопласираните од секоја од 10-те групи ќе обезбедат директен пласман на СП 2022. Второпласираните 10, плус две репрезентации од првопласираните во групите во Лигата на нациите со најдобар ефект, а кои нема да се пласираат на Мундијалот преку редовните квалификации, ќе разигруваат за преостанатите три места. Од Европа на СП 2022 ќе настапат вкупно 13 репрезентации. Квалификациските натпревари во Европа треба да почнат во март в година, а треба да завршат во ноември 2021 година, додека плејофот е предвиден за март 2022 година.
ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
Прв Белгија, Франција, Англија, Португалија, Шпанија, Италија, Хрватска, Данска, Германија и Холандија Втор Швајцарија, Велс, Полска, Шведска, Австрија, Украина, Србија, Турција, Словачка и Романија Трет Русија, Унгарија, С. Ирска, Чешка, Норвешка, Р. Ирска, Исланд, Шкотска, Грција и Финска Четврти Македонија, БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и Луксембург Петти Ерменија, Кипар, Фарски О., Азербејџан, Естонија, Казахстан, Косово, Литванија, Летонија и Андора Шести Малта, Молдавија, Лихтенштајн, Гибралтар и Сан Марино ждрепката е на 7 декември