top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба на фотографии од македонски џез-музичари „Џезтетика“ во Белград

На 24 ноември во главниот хол од Домот на младите во Белград ќе биде отворена изложбата „Џезтетика“ на Татјана Ранташа, а во организација на здружението „Номад-арт“ – Скопје. Изложбата се состои од 35 црно-бели фотографии од разни генерации македонски музичари, на кои Ранташа работела во изминатите 15 години. Ќе бидат прикажани фотографии од музичари, како Влатко Стефановски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шаревски, Кирил Кузманов, Тони Китановски, Гордан Спасовски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, Сетстат, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други. Во рамките на изложбата свој настап ќе има и „Гоце Стевковски квинтет“.

„Фотографијата за мене значи живот, радост, целосно исполнување на нештото што се случило, запис за визуелно паметење, кој останува да живее како слика, дури и ако не ја видам никогаш повторно. Всушност, ако не сум го фотографирала нештото, тоа е како да не се случило. За мене, помислата да се биде на концерт, претстава, планина или патување без фотоапарат е како да треба левата рака да ја оставам дома. Во фотографиите ја внесувам целата моја емоција, енергија, внатрешен дух, начин на гледање. Мојата надеж е е дека барем мал дел од тоа се пренесува и на публиката за која тие се наменети. Изложбата ‘Џезтетика’ е целосно посветена на посетителите. Тие ќе ја оценат, ќе ја оживеат и ќе ја понесат со себе. Изложбата опфаќа портрети на дел од современите македонски џез-музичари и навистина сакам тие емоции да се пренесат и кај луѓето што ќе дојдат да ја видат изложбата во Белград“, вели авторката на изложбата, Татјана Ранташа.

Татјана Ранташа е реномиран фотограф со 15-годишно искуство зад себе, најмногу на полето на сценската фотографија. Во 2005 година почнува професионално да се занимава со сценска фотографија 0како официјален фотограф на куќите „Авалон“ и „Литиум рекордс“. По нив следуваат Универзалната сала; „Десонанц фестивал“, Младинскиот културен центар – концерти, МОТ, „Синедејс“, „Пиволенд“, а денеска најчесто фотографира за „Пасворд продукција“, Конгресен центар „Aлександар Македонски“, како и за „Оф фест“ и за „Скопје џез-фестивал“, каде што е официјален фотограф. Главен фотограф и одговорен уредник е на независниот интернет-магазин за култура www.plagij.at.

0 views
bottom of page