Еден од кандидатите за претседател на Барселона: Меси ќе биде нашиот Џордан
Лионел Меси е во центарот на ветувањата на сите кандидати за претседател на Барселона. Претседателските избори во каталонскиот клуб ќе се одржат наскоро, а кандидатите токму преку Аргентинецот се обидуваат да ги освојат симпатиите на електорите кои ќе ги бираат за мандат.
Жорди Фаре во овие моменти е кандидатот кој е меѓу фаворитите за наследник на Жозеп Марија Бартомеу, а преку интервјуто за „Еспорт3“ се обиде да ги добие симпатиите со ветување дека ќе стори се за да го задржи Лео Меси во клубот.
Според Фаре, Меси треба да биде култна личност во Барселона, нешто слично како Мајкл Џордан во Чикаго Булс.
– На Меси мора да му понудиме проект за цел живот во Барселона. На Меси мора да му дадеме улога каква што Џордан имаше во Чикаго Булс. Работиме на тоа да му понудиме доживотен проект во клубот.
– Веќе зборувавме со неговите претставници и им го пренесовме предлогот. Не се работи за економски проблем, Лео веќе заработи доволно пари. Ова е љубовна приказна, сигурен сум дека имам проект кој би го убедли Меси, -изјави Фаре.
Виктор Фонт ќе биде најсериозен кандидат на Фаре за претседателската позиција во Барселона, а во трката се вклучени и Тони Фреикса, Агусто Бенедито, Луис Фернандез Ала, Агусти Бенедито и Пере Риера.