Бекенбауер го поддржа Лев, но му го посочи и најголемиот проблем: Ни се смее цел свет
Германската јавност „вриеше“ по историскиот пораз кој го претрпе националната селекција предвоена од Јоаким Лев на гостувањето во Севилја, но неколку дена по неверојатниот потоп од 6:0, реакциите се уште не стивнуваат и последен се јави Франц Бекенбауер.
Легендарниот „Кајзер“ направи интервју за угледниот „Билд“ и нагласи дека историскиот срам на Германија направи цел свет да се потсмева со националната репрезентација, но за разлика од останатите експерти во јавноста, Бекенбауер смета дека популарниот Јоги Лев треба да остане на кормилото и да го води тимот на Европското првенство.
– На натпреварот во Шпанија не видовме ниту најмал сигнал од тоа како треба да игра германски тим. Комплетно помрачување, цел свет ни се смее. Ако ова продолжи да не функционира на последните натпревари пред Европското првенство, во месец март, Лев ќе мора да го промени овој тренд.
– Според мене, нема никаков сомнеж. Тој треба да продолжи, треба да остане и да биде предводник на Европското првенство. Ако ништо друго, овој натпревар ќе му помогне да сфати дека потребни се други ресурси.
– Ретко се случува вакво нешто во селекцијата и не треба одма да се претерува. Сепак, има проблем со лидерство во овој тим на Лев. Нема лидер, не видов ниту еден искусен играч да преземе одговорност. Потребни се лидери кога на тимот не му оди добро. Таков е Томас Милер и тој ќе биде огромен импулс за тимот. Таква улога има и кога на Баерн не му оди добро на теренот, – потенцира Бекенбауер.