Километарски редици пред Министерство за култура: Нов кластер “проекти од национален интерес“!?
Денеска пред Министерството за култура можеа да се видат долги редици на оние што чекаа да ги пријават проектите до Министерството за култура. Со оглед дека се работеше за последниот ден од конкурсот за Годишната програма нервозата особено кај оние што сметаа дека нема да успеат до архивата на Министерството да ја поднесат потребната документација во текот на работното време, достигна кулминација
Километарски редици, нервоза, па дури и бурни реакции на сметка на администрацијата е слика која можеше да се види последните денови пред Министерството за култура. На отворено, и тоа буквално на улица и пред објектот, во услови на пандемија, се чекаше за да се поднесат пријави за Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес. Особено бурно беше денеска на последниот ден од конкурсот, кога нервозата кај оние што сметаа дека нема да успеат до архивата на Министерството да ја поднесат потребната документација во текот на работното време, достигна кулминација.
“Архивата секој ден работи од 9 до 12 часот, а веќе во 8:30 имаше огромна редица пред Министерството на оние што чекаа да ги поднесат документите. Во овие услови на пандемија кога не треба да има групирање ова е несфатливо. На луѓето не може да им се забележи што реагираат бурно бидејќи мораа да чекаат надвор на студот и со часови. Имаше многу кои не успеале да завршат работа изминативе денови токму поради краткото време за работа на администрацијата“, вели за весникот ВЕЧЕР Лина Жила, професор во Институтот за национална историја.
Голем дел од оние што чекаа пред Министерството имаа замерка на брзината со која се примаат документите и бројот на вработени во архивата. Велат, од Министерството требаа да има повеќе шалтери во овој период од месец дена колку што трае конкурсот и работното време да биде подолго, или пак, да се постават повеќе пунктови на кои би можеле да се остави документацијата.
Од Министерството за култура пак, посочуваат дека сликата е иста секоја година и дека секогаш се чека последен ден иако постои можност документите да се пратат и по пошта.
“Сега поради ковидот по четворица само можат да влегуваат. Иако се работеше со ротации имаме засилување во архивата со лица од Службата за општи работи и Влада, за да се завршат работите побрзо“, велат од министерството, од каде поради ковидот препорачаа документите да се праќаат по пошта.
Сепак, пошта, велат нашите соговорници не е опција бидејќи немаат сигурност дека нивната документација навреме, па дури и воопшто, ќе стигне на вистинската адреса во предвидениот рок. Забелешките се и во однос на начинот на аплицирање, со оглед дека не постои електронско поднесување на документите, што велат многу би им ја олеснила работата и на архиварите и пред сè на нив самите.
Од министерството, пак, за весникот “ВЕЧЕР“ по ова прашање со став: “Изразуваме искрено жалење што, и покрај напорите, не стигнавме пријавувањето на конкурсите уште од оваа година да биде и по електронски пат. Министерството за култура со години не ги поседува алатките кои ќе ја поддржат и издржат електронската апликација, која ќе ни ја олеснеше работата на сите. Во новиот Предлог закон за јавниот интерес во културата, кој е во собраниска процедура, е предвидено пријавувањето на Годишните конкурси да се одвива преку електронски систем за управување со пријави. Затоа, апелираме Законот што побрзо да ги помине собраниските процедури и расправи, за да се реши и овој проблем. Така ќе се стави крај на оваа долгогодишна, застарена и за ова време непримерна слика пред Министерството за култура“.