ДПМ: Ударот врз македонскиот јазик е антицивилизациски чин од невидени размери
“Проблематизацијата на македонскиот јазик, идентитет и историја од страна на бугарската политика, искажана деновиве како уцена во процесот на нашата европска интеграција, за македонските писатели е особено загрижувачка. За неколку стотици активни писатели и неколку стотици починати писатели, врежани во македонскиот книжевен канон, евентуалната повреда на нивното основно изразно средство, јазикот, би претставувала директен удар врз суштинскиот градбен елемент на нивната уметност, и воопшто, удар врз нивниот творечки интегритет“, се вели во реакцијата на Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија, а по повод бугарските негирања на македонскиот јазик.
Таа додава дека јазикот на кој пишувале и пишуваат е македонски и не може да биде никаков друг. Екстремните ставови на бугарските националисти, познати на македонската јавност од многу одамна, во овој миг како официјални државни ставови на Бугарија, како никогаш досега се закануваат да прераснат во жртвена клада на која, според нив, би требало да се изгорат илјадници и илјадници книги, кои не само со јазикот, туку и со тематиката, јасно го манифестираат својот македонски идентитет. А палењето на книги секогаш бил и е антицивилизациски чин што предизвикува морници. Ќе дозволат ли европските, македонските и бугарските политичари да се случи антицивилизациски чин од невидени размери во 21. век?“ прашува во отвореното писмо Стојменска-Елзесер.
Таа посочи и дека македонските писатели длабоко веруваат дека нема да дозволат, а напротив, ќе го додржат основниот принцип на европското обединување, кој подразбира взаемен реципрочен респект и поддршка при културната размена на различните идентитети, кои на обединетата Европа ѝ „даваат душа“ и ја прават нешто поголемо и позначајно од заеднички пазар.
“Веруваме дека и бугарските колеги-писатели, или барем некои од нив, ќе имаат разбирање за нашата загриженост и ќе ни дадат поддршка во одбивањето на погубните политики кои не водат кон ништо добро“, вели претседателката на ДПМ во отвореното писмо.