Сонот се оствари, Македонија ќе игра на Европско првенство! (ВИДЕО)
Македонија со 1-0 ја победи Грузија и го оствари најголемиот успех во фудбалската историја, ќе играме на Европско првенство, капитенот Горан Пандев е нашиот херој!
Датум кој со златни букви ќе биде испишан во спортската историја на Македонија, се пласиравме на Европско првенство во фудбал. Ја победивме Грузија во Тбилиси со 1-0 и го остваривме сонот.
А херој на Македонија е главниот, капитенот Горан Пандев кој живееше за овој меч, кој кариерата ја продолжи за да игра на Европско првенство и успеа.
Првото полувреме го одигравме во грч, тешки беа нозете на фудбалерите, се чувствуваше големиот притисок кој го носи овој натпревар.
Први се заканија домаќините, Грузија преку Окриашвили за две минути имаше две шанси да поведе. Првиот шут му го одбрани Димитриевски, вториот заврши крај голот.
Македонија прв пат се закани во 35. минута кога Горан Пандев се обиде со глава, но грузискиот голман го одбрани неговиот удар.
Во второто полувреме беше поинаку, Елмас доби поголема слобода во играта и тоа веднаш се почувствува на теренот.
Течеше 56. минута кога токму Елмас почна една убава акција, по двојно проигрување со Пандев, Елиф ја додаде топката до Несторовски кој го проигра капитенот а тој постигна гол за водство на Македонија од 1-0.
Десет минути подоцна Елиф Елмас од убава позиција се обиде со шут од далечина, но ударот заврши крај голот.
Македонските фудбалери веќе играа поопуштено, притисокот беше врз Грузијците, тоа раѓаше шанси за нас од брзи противнапади. Во убави позиции се најдоа и Несторовски и Елмас, но не успеавме по тие акции да постигнеме погодок.
До крајот на натпреварот успеавме искусно да ја задржиме топката без да му дозволиме на противникот да создаде посериозни шанси за погодок.
По последниот свиреж на судијата славјето можеше да почне, неизмерна радост меѓу фудбалерите, тие се нашите херои кои го остварија најголемиот успех во македонската историја. Секоја чест момци!